Илјадници противници на епидемиолошките мерки од различни делови на Франција се движат кон Париз каде се очекува да пристигнат вечерва и покрај предупредувањето на властите кои одлулија да спречат каква било блокада на сообраќајот.
По примерот на протестите во Канада, организаторите на „протестот за слобода“ во Франција се противат на ковид-потврдите што беа воведени на 24 јануари и за себе велат дека припаѓаат на „жолтите елечиња“, протестно движење кое делуваше во 2018 година и во 2019 година , а беше иницирано од зголемување на цените на бензините.
Првите поворки, кои демонстрантите ги нарекуваат „конвој на слободата“, со автомобили и камп возила тргнаа во средата од Ница, Бајон и Перпињан, а денеска и од околните градови на Париз. Од полициски извори се дознава дека попладнево кон Париз се движат околу 1.800 возила.
Учесниците во протестот се надеваат дека во текот на вечерта ќе стигнат во главниот град каде ќе ја минат ноќта и утре да учествуваат во различни протестни поворки против ковид-потврдите, главна епидемиолошка мерка што ја воведе француската влада за сузбивање на ковид-19.
Демонстрантните бараат нивно укинување, како и на „сите средства на присила и притисок во врска со вакцинирањето“, но и барања за зголемување на куповната моќ и намалиување на цените на енергенсите што стана важна тема во кампањата за претседателските избори што се распишани во април.
Дел од демонстрантите сакаат да продолжат од Париз кон Брисел и во понеделник да одржат голем европски собир. Белгиските власти, сепак, им забранија влез во главниот град со образложение дека не побарале дозвола за собир.
Полицијата во Париз вчера прогласи забрана за протести поради „опасност за нарушување на јавниот ред“ и предвиде мерки „за спречување на блокада на главните сообраќајници и најави прекршочни пријави и приведување на прекршителите“.
Премиерот Жан Кастекс потсети дека блокадата на сообраќајот е забранета, иако правото на протест е „загарантирано со устав“.
Учесниците ќе бидат уапсени „ако го запрат сообраќајот или ако сакаат да го блокираат главниот град“.
„Во тоа ќе бидеме одлучни“, рече премиерот за телевизијата „Франс 2“.




