Словенија досега платила 68,5 милиони евра за вакцини против ковид-19 , а поради истечен рок или несоодветно чување се фрлени околу 2,5 отсто или 74.000 дози, соопшти Министерството за здравство.
Според Институтот за јавно здравје во Љубљана, Словенија во моментот има уште 3.300 дози од вакцината на „АстраЗенека“ и 14.800 дози од вакцината на „Модерна“, бидејќи од втората половина на минатата година вакцинацијата се врши речиси исклучиво со mNRA вакцини, а со векторски само по барање и со потпис на лицето кое се вакцинира.
Од Министерството за здравство изјавуваат дека процентот на фрлени вакцини е релативно мал, дека роковите за употреба се многу различни и дека се работи на тоа тие да се користат навремено во Словенија или во друга земја, пренесе Хина.
Словенија досега донираше дел од своите вишоци на Босна и Херцеговина, на Црна Гора, на Египет и на Зеленортските Острови, а преку меѓународниот механизам за помош КОВАКС ќе додели 1,5 милиони дози.
За 14 месеци од почетокот на вакцинацијата во Словенија имунизирано е 57,7 отсто од вкупното население, но во последните месеци интересот за вакцинација е нагласено мал.




