Инспекторите за хемиско оружје во Сирија добија пристап до наводната локација каде беше извршен хемиски напад.
Тимот е во земјата од саботата, но до денеска му беше забранет влезот во Дума. Сирија и нејзиниот сојузник Русија негираа вмешаност во нападот од 7-ми април.
Активистите во Сирија велат дека во нападот биле убиени повеќе од 40 лица и повредени стотици други. Според видео снимката и сведоштва на сведоци гасот бил пуштен во подрумите во кои цивилното население се крие од бомбашките напади. Како одговор на нападот, САД, Велика Британија и Франција спроведоа воени напади врз сириските објекти за хемиско оружје.
Инспекторите пристигнуваат на местото, 11 дена по нападот. Тие треба да земат примероци од почвата и други остатоци кои треба да им помогнат да ги идентификуваат сите хемикалии кои биле користени во нападот.
Американскиот амбасадор Кенет Вард на состанокот на Организацијата за Забрана за употреба на хемиско оружје изрази сомневање дека руските сили можеби се обдиуваат да ги отстранат доказите, што е и причина поради која не се дозволува влез на истражителиите.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги негираше ваквите обвинувања. Тој за Би Би Си рече дека доказите за хемискиот напад биле “базирани на медиумски извештаи и социјални медиуми”.




