Инструментите на моите предци – 2019 е наслов на новата манифестација, фестивал и натпревар наменет за деца до 17 години. Фестивал кој ќе го организира и реализира Детски културен центар „Карпош“, под покровителство на Град Скопје. Манифестацијата и натпревар на изворни и класични инструменти, насловена како „ИНСТРУМЕНТИТЕ НА МОИТЕ ПРЕДЦИ“, ќе се одржи по прв пат, од 15 до 17 ноември 2019 година.

На ревијалниот дел, во ДКЦ „Карпош“, од 19.00 часот денеска со нашите виртуози, преку звукот на народните инструменти, публиката ќе отпатува во различни предели и региони на нашата држава, со цел да се потсети на подзаборавените песни и ора.

Преку овој фестивал и културно натпреварување на народни и класични инструменти, ДКЦ „Карпош“, преку магијата на звукот на: кавалот, тамбурата, тапанот, кларинетот, гајдата, хармониката, има за цел да ја развие желбата и љубовта на децата и младите, за изучување на народни изворни инструменти, а со тоа да се продолжи традицијата од нашите предци и да се остави аманет за идните поколенија.