НоваТВ ги покани на интервјуа, кандидатите за градоначалници на скопските општини и Градот Скопје, од сите поголеми партии и независни листи. Оние што досега одговорија позитивно на нашата покана, интервјуата ги емитуваме по редослед на одговарање.

Тоа што Скопје се развива во погрешна насока и што граѓаните заслужуваат да живеат во почиста животна средина и да дишат чист воздух, и затоа што „Зелен Хуман Град“ на чиј предлог е мојата кандидатура, можат да направат пресврт во раководењето на Грдаот Скопје и на советот на Градот Скопје, е главниот мотив да влезам во трката за Скопје, вели во интервју за НоваТв , Ана Петровска. Важно и е семејството, музиката која ја практикувала свирејќи пијано, ги обожува  дружбите на викендицата во Чучер-Сандево, пчелите и кучето Чарлс Дарвин. 

НоваТв: Петровска што најмногу ве инспирира да влезете во трка за Скопската градоначалничка фотеља за што поддржани сте од невладината со еколошки предзнак „Зелен Хуман Град“ ?

– Мојата канидидатура за градоначалник на Скопје е испирирана од две причини:

1.Скопје се развива во погрешна насока, во смисла на бетонизација и загадување. Јас сум архитект и просторен планер со големо искуство во заштита на животната средина. Имаме неповторлива шанса со нашииот тим да работиме на новиот Генерален урбанистички план и други важни зелени политики, за да ги запреме штетните процеси на клиентелистичките раководства поставени од големите политички партии, кои градот го водат по погрешен пат.

2.Мојата кандидатура ја предложи Зелен хуман град – активистичка коалиција, која обединува граѓански организации и активисти што долги години работат на теми од интерес за Градот Скопје. Овие луѓе можат да направат пресврт во работата на Советот на Градот Скопје и да ги вклучат граѓаните во донесувањето одлуки, креирањето на буџетот и трошењето на јавните пари.

НоваТв: Разрешувањето на директорската позиција во Државниот инспекторат за животна средина, влијаеше врз одлуката или ја забрза истата за да се решите на кандидатурата за градоначалник на Скопје?

-Доколку останев директор на државниот инспекторат за животна средина ќе продолжев да придонесувам за намалување на загадувањето. Понудата на Зелен хуман град дојде во време кога се двоумев дали воопшто да продолжам да делувам во политиката, но сепак избрав, заедно со луѓето од листата на кандидати за советници, да направиме се` Скопје да стане зелен и хуман град.

НоваТв: Архитект сте по вокација со искуство на планот на зелените политики. Колку ова домашно и меѓународно искуство ви дава предност пред другите кандидати посебно околу идејата за „паметен град“ за планирањето, за организацијата на животниот простор..?

-Во 2002 година кога работев на Генералниот урбанистички план за Скопје, со стручен тим воспоставив параметри за хумано живеење. Овој план во 2012 го трансформираа во алатка за уништување на зеленило.  Во 2011 година бев ко-претседател на работната гупа за енергија и паметнии мрежи, во рамките на европската платформа за „паметен град“. Две години (2018-2020) бев менаџер на преку 200 административни службеници. Добро ги познавам надлежностите на градот, можам да се справам со урбанистичката мафија, знам како да се контролира индустријата. Запознаена сум со функционирањето (или не функционирањето) на јавните претпријатија Комунална хигиена, Водовод и канализации и ЈСП. Крајно време е Скопје да стане место за живеење во кое не сме отуѓени, во домовите имаме сонце и чист воздух и имаме каде да се рекреираме.

НоваТв: Која е вашата визија за Скопје во наредните 4 години. Она што е мото на Вашата кампања е „ хуманизација на градот“ и „ стопирање на бетонизацијата“. Како мислите да го постигнете тоа?

-Ќе донесеме нов Генерален урбанистички план за да спречиме натамошна бетонизација. Итно ќе го завршиме Катастарот и Стратегијата за урбано зеленило, за да го заштитиме целото слободно и непарцелирано зеленило и да направиме нови паркови.

НоваТв:Што е она што најмногу ви пречи во Скопје денес, и што е она што прво планирате да го направите доколку ја добиете довербата од граѓаните на Скопје?

-Насекаде има отпад, бидејќи собирањето на отпадот не е добро испланирано. Ќе работиме со граѓаните да се зголеми стапката на рециклирање и компостирање и напоредно ќе ги исчистиме дивите депонии; Вардариште ќе го контролираме и постапно ќе го затвораме и рекултивираме. Ќе поставиме видео надзор на сите локации на кои е исфрла отпад и шут. Ќе го зголемиме бројот и ќе работиме на стручно усовршување на инспекторите за да се вршат темелни и непристрасни инспекциски контроли. Ќе ангажираме инспектори од други земји за помош при покомплексни инспекциските контроли. Зградите во сопственост на градот ќе ги направиме енергетски независни (со сончеви панели) и енергетски ефикасни (со изолација и замена на прозорци и врати). На социјално ранливите граѓани ќе доделиме субвенции и социјални пакети и ќе инсталираме фотоволтаици за производство на струја и греење

НоваТв: Програмата изобилува со проекти кои сите вака, срочени на хартија, изгледаат убаво и атрактивно. Може ли да издвоите неколку од Вашата програма што ви се  на „срце“?

-Ќе издвојам уште два важни приоритети од нашата програма:

1.Преобмислување на сообраќајниот концепт и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Спроведување на планот за одржлива мобилност и заокружување на велоинфраструктурата, оптимизирање на автобуските линии и обезбедување нивен приоритет во движењето. Редовно одржување на автобусите.

2.Воведување програми за развој на занаетите: ангажирање на младите во зелени стартапи и инвестиции. Поттикнување на зелени иновации.

НоваТв: Како очекувате да ја реализирате Вашата изборна програма доколку сте градоначалник, од аспект на власта со која неминовно ќе треба да имате соработка и во делот на финансиите за одредени проекти и како логистика? Како би ја воспоставиле кохабитацијата?

-Додека служев на јавна фунција во институциите, научив како да се изборам за имплементирање на важни еколошки проекти. Во Советот ќе влезат и советници од Зелен хуман град и заедно ќе бидеме посилни. Ќе има предизвици, но ќе ги решаваме заедно со граѓаните – чесно, посветено и транспарентно.

НоваТв: Нашето последно прашање е лично. Како би се опишале себеси. Што е она што ве радува и растажува, кое е вашето хоби, пасија, нешто без што не можете. Кој жанр книги ви се омилени,која музика,кој филм а секако јавноста ја интересира и вашето животно мото?

-Ме радуваат моите најблиски, семејството. Не можам без нивната љубов, се` друго е споредно. Музиката ми е исто така важна: во младоста свирев пијано. Сакам кога се дружиме во викендичката на наши пријатели во Чучер-Сандево, таму имаме пчели и таму најубаво се истрчува нашето куче Чарлс Дарвин. Немам многу време за себе, но тоа е мојот избор, да го работам она што го сакам.