Серијал интервјуа на НОВА со културните работници во време на корона-кризата: Ѓорѓе Јовановиќ, академски сликар – „Повеќето уметници многу често живееле и живеат на работ на егзистенција па оттаму кризите се нивната „природна средина“.
НОВА: Уметноста и културата се прогласени за мртви во кризата со коронавирусот. Сега мртвилото надвладеа токму онаму – каде што претходно изгледаше невозможно – мислевме дека е надвор од умот да се живее без уметноста, без културата
Самиот факт дека во светот уште во првите недели на пандемијата се случија бројни настани на интернет, а понекогаш и во јавните простори и балкони на нашите домови – концерти, претстави, изложби, бесплатни курсеви и многу други настани, ми кажува дека, како и во многу други области, се изнаоѓаше начин работите да не застанат или прекинат, што. пак, ми покажува дека тука не се работи за смртта на уметноста, туку за континурани напори на пронаоѓање на различни и инвентивни форми на комуникација и дисеминација на културните содржини.
Една од работите што ги прочитав овие денови беше прогласот на една фондација во кој објавувајќи ја својата иницијатива за финансиска поддршка за уметниците го вели следново: „Уметноста, тоа се оние што ја прават. Ако тие престанат да постојат, уметноста ќе изумре. А животот без уметност не е живот. И додека театрите, уметничките простори и концертните сали чекаат да дознаат кога повторно ќе се отворат, поддршката за културните работници е најмалку што можеме да направиме.“
Оттаму, неодамна меѓу другите работи што ги гледав, а одат во насока на таквиот вид поддршка и свесност за значењето на културата во време на големи кризи, беа и трите омнибус филмови иницирани од Филмскиот фестивал во Солун каде што свој краток филм има и нашата режисерка Теона Стругар Митевска. Во самиот ек на кризата, голем број режисери од целиот свет создале кратки филмови во кои, меѓу другите теми, размислуваат и говорат за овој комплексен период низ којшто поминуваме.
Кај нас, дел од нашите музичари, поети, писатели, дизајнери, актери и ликовни уметници изнаоѓаа инвентивни начини секојдневно да комуницираат преку социјалните мрежи.
Лично во овој период меѓу другите дела на кои работев беше и иницијативата што ја покренавме заедно со уште неколку мои колеги да изработиме мурали на повеќе локации во Скопје во чиј фокус е токму пандемијата и низ кои сакавме да ги рефлектираме и коментираме предизвиците низ коишто сите поминуваме како и да им одадеме почит на сите оние луѓе – лекари, медицински лица, работници, чистачи, прехранбените работници и сите други кои неуморно работеа и ја немаа привилегијата на многумина, кои од дома „удобно“ го поминуваа овој период.
Сепак,од друга страна, кај нас сме сведоци на континуирано изумирање на културата, наспроти хиперпродукцијата на уметнички дела, ми се чини дека сè’ уште сме на едно застарено ниво на организирање и сфаќање на современите значења на културата. Но, тоа не е ситуација поврзана со оваа пандемија и е предмет за пообемен разговор и анализа.
НОВА: Каде го гледате излезот, што веднаш треба да се стори за да ги избавиме и нив, уметноста и културата, и воедно самите себе?
Нов бран во есен – нова нормалност – крај на светот каков што досега го знаеме – голема депресија – соживот со короната – преживување – дилемите се големи и влијаат и на културата.
Едни велат дека оваа е вистинскиот момент за радикално преиспитување на социјалната улога на уметностите и уметничките институции. Да ги промислиме работите и начинот на којшто функциониравме досега и да изнајдеме креативни форми да го пребродиме овој период, од којшто би излегле похрабри и поразумни.
Други пак најавуваат дистописки бесконтактен „кондом“ свет на културата, сведен на „зум конференции“, претстави без актери, театри без публика, книжарници без книги, изложби без публика.
Не можам да ја предвидам иднината и тешко ми е да видам или да предложам јасно решение. Од друга страна пак, интимно сметам дека како никогаш до сега изборот за мене ќе биде – солидарност или смрт на сето она за кое вреди да се живее.
НОВА: Како го гледате во иднина пазарот на културата и уметноста – дали ќе бидат неопходни реформи и целосно реструктурирање – каде акцентот ќе биде ставенна иновативност и експерименталност? Дали ќе надвладее ваквиот тип на култура, наспроти индустријата на онлајн забава (не секогаш во вулгарна смисла е оваа забава) – кадешто предничи филмската индустрија.
Културата и уметноста се комплексен простор во кој дејствуваат огромен број луѓе и сите тие имаат различни преференци во однос на тоа што сакаат да го постигнат преку своето делување.
Не би можел да претпоставам дали таквиот тип на индустрија ќе надвладее, на крајот тоа зависи од заложбите на сите оние автори кои сметаат дека уметноста е простор за еманципација, едукација, простор за дијалог.
Во развиените земји, во периодот на пандемијата, во голема мера се зборува за улогата што уметниците треба да ја имаат во овој период. Еден од најистакнатите куратори и ликовни критичари, Ханс Урлих Улбрист во својот неодамнешен текст „Кон новата ера на социјална имагинација“ предлага дека денес, во овој момент на екстремна криза во светот, длабоко загрижувачко и несигурно време за уметниците и за сите, итно се потребни уметнички стимулативни проекти како во периодот по големата депресија, чии главни цели биле да се воспостават демократски методи на поддршка за уметничка продукција, децентрализирање на уметничката активност, поттикување и стимулирање на младите и непознати автори, промовирање на поблиската поврзаност на уметникот со неговото социјално опкружување.
Ваквите планирања на пазарот на култура и уметноста важат за развиените земји кои прават реформи бидејќи во потполност ја разбираат важноста на културата и уметноста во нивниот контекст како и влијанието што тие ја имаат. Тие развиваат стратегии и постојано изнаоѓаат нови начини за комуникација со публиката.
Кај нас сме сведоци на континуран дисконтинутет на процесите поврзани со стратегиите и планирањето, па веројатно ќе треба уште еднаш да се запрашаме – што всушност сакаме да постигнеме со нашата култура и уметност?
НОВА: Што е уметникот денес?
За мене лично, живеејќи во свет во кој се соочуваме со меѓусебно критично поврзани предизвици: климатските промени, бегалски кризи, недостиг на храна, колапс на системот, уметникот е некој кој би требало да биде дел од социјалната трансформација.
Отсекогаш сум сметал дека уметноста не треба да се сфаќа само како чин на создавање/производство/изложување на материјални предмети и/или дигитални искуства. Тоа што е особено битно е начинот на кој уметниците му пристапуваат, го организираат и структуираат животот и нивната подготвеност да се грижат за себе и за другите.
Оттаму, битно е префрлувањето на фокусот од уметничкото дело кон уметничката практика како и на релацијата на уметникот во заедницата, уметноста кој може да влијае врз општеството со своите практики. Треба да се приклучиме кон оние што можат да помогнат во негувањето на човечките вредности и позитивните наративи.
НОВА: Колку може оваа криза да го уништи уметникот? Колку може сепак и тој да ја уништи неа?
Ако зборуваме за економскиот аспект на оваа криза и ако веруваме во проекциите дека последиците на оваа криза ќе бидат толку големи што не можеме ни да си замислиме и ќе ги опфати сите сегменти на општествата, тогаш таа битка за уметниците како и за сите други луѓе ќе биде долга и напорна.
Од друга страна, повеќето уметници многу често живееле и живеат на работ на егзистенција, па оттаму кризите се нивната „природна средина“.
Ако зборуваме, пак, во однос на кризата како генератор на креативност, гледајќи наназад голем број на извонредни уметнички дела се направени токму во времиња на големи кризи. Всушност едни од највредните „документи“ за таквите времиња се трагите/сведоштвата запишани во бројни книги, претставени во драмски текстови или преточени во ликовни дела.
НОВА: Дали после оваа криза ќе заврши ерата на културата на тривијалност, вулгарност, евтиност, културата на шундот и кичот, онаа селебрити култура, онаа култура на холивудски бесмислени спектакли и риалити шоуа? Или, пак, можеби оваа примитивна култура ќе се зацврсти на тронот, како неизбежен и единствен излез од суровата реалност со која сме опкружени – на болестите, смртта и безизлезноста?
Тешко е да се замисли дека токму оваа криза би ги прекинала таквите тенденции. За жал шундот и кичот се „насушна потреба“ за многумина.
Но, пред да зборуваме за ваквите состојби во културата, треба уште еднаш да се запрашаме како стигнавме до тоа дереџе кај нас да не постои сериозна емисија од областа на културата на ниту една телевизија? – Што се случува со специјализираните списанија за култура? – Што се случува со критиката?
Како да разговараме за овие состојби кога сè’ поретко дознаваме за сето она што се случува во областа на уметностите кај нас?
Би сакал да замислиме дека оваа состојба во која се наоѓаме е како некоја „капија“, како што пишува Арундати Рој за кризата. „Можеме да одлучиме да поминеме низ неа влечејќи ги со себе труповите на нашите предрасуди и омрази, нашите алчности, нашите банки на податоци и мртви идеи, нашите мртви реки и зачаденото небо.
Или можеме лесно да поминеме, со малку багаж, подготвени да замислиме поинаков свет“. Ова се однесува на можностите на светот по кризата со пандемијата, но појавите како што се тривијалноста и вулгарноста, воведени како нормален вид на забава на широката публика, ги гледам како знак на криза на општествата и пред да се појави вирусот.