СДСМ го одбележа јубилејниот 30 – роденден. По овој повод со професорот Ѓорѓи Спасов, како еден од основачите на оваа партија разговараме за тоа какви се актуелните состојби во оваа владеачка партија, за нејзините капацитети да одговори на актуелните предизвици, за минатото и сегашно раководство, внатрешните поделби, за лидерството на Заев, заминувањето на Шеќеринска и нивните тридецениски успони и падови..Со професорот Ѓорѓи Спасов разговараше Борјан Јовановски.

НОВА: Има значаен дел од членството кое е незадоволно од актуелното раководство. Добар дел од нив се истакнати членови а меѓунив има и такви кои се основачи на партијата. Зошто се јави овој расцеп во партиската структура?

Спасов: Има многу причини за реално незадоволство од актуелното раководство. Некои сметаат дека претседателот Заев често импровизира и менува ставови, дека се окружува со сомнителни советници од кои не може да добие умен совет, дека ја напушти клучната идеја на социјалдемократијата за смалување на социјалните разлики преку даночната политика и дека таа се претвора полека во бизнис клуб. На некои им смета пак нагласувањето и јавното манифестирање на религиозноста и блискоста со црквата, која треба да остане во сферата на приватноста. Но, секако има еден дел добри активисти на СДСМ кои по неговиот избор за претседател се чуствуваат занемарени. Некои од нив се кандидираа за претседатели па не успеаја и се пасивизираа, а други се блиски до Црвенковски па се дистанцираат од политиката на Заев и Шеќеринска во знак на некаква верност кон Црвенковски. А трети затоа што не станаа членови на Централниот одбор или пратеници сметаат дека тоа е некаква одмазда.

Кај нас кога се менува лидерот на партијата тој се окружува со лојални луѓе околу себе, и често се занемаруваат заслугите на некои од поикусните членови. Низ процесот на перманентно подмладување на партијата цела една генерација на поискусни членови и активисти се оставени да делувааат само во Фејсбук просторот и тоа создава фрустрации. Некои си наметнуваат сами политичка самоизолација а некои се гневни од личности со кои се окружува премиерот за кои низ корупциски афери се покажува дека не е баш внимателен во изборот на соработниците.

Но, лично сметам дека тој расцеп не е голем. Кај сите постои свест дека политичката алтернатива во Македонија во овој момент е многу ограничена.

 

фото: република.мк
фото: република.мк

-Како ја оценувата улогата на Бранко Црвенковски во развојот на социјал демократијата?

Бранко Црвенковски одигра важна улога во периодот од 1991 до 1998 година, кога се поставуваа политиките за стабилност на земјата. Тогаш беше одлична противтежа во однос на национал популизмот на Љупчо Георгиевски и со неговата смисла за хумор стекнуваше голема популарност во првите јавни дебати. Беше добар говорник, знаеше да формира тим, беше толерантен и не беше одмаздољубив. Се обидуваше заслужните да ги наградува коректно и на тоа ниво на прагматичност функционираше.

Но, не го интересираше многу идеологијата. Знаеше да каже на шега, направете програма само да има 10 страници повеќе од програмата на ВМРО-ДПМНЕ и да биде поголема по формат да не ни зборат дека немаме програма.

За меѓународната политика не се интересираше многу. Според него само ако си силен внатре во земјата ќе те почитуваат странците инаку џабе е да ги молиш. А за демократија во партијата не сакаше ниту да праи муабет. Неговата логика беше, „кога во земјата постојат две војнички организирани партии како ВМРО-ДПМНЕ и албанските, тогаш мора и ние така да бидиме организирани и да функционираме“.

На крајот направи грешка кога на последните локални избори во 2013 година прифати во некои општини со етнички мешано население сите македонски партии да застанат зад еден кандидат и заеднички советнички листи, со што подлегна на националистичката логика. Имам чуство дека се однесува како човек на кого некој му ја „киднапирал партијата што тој ја создал“ односно партијата што ја носи неговата ДНК, како што самиот изјави, и сега е лут на сите, па наместо било каква активност повремено фрла по некоја стрела од видот на сопствено замрзнување на членството до некое подобро време.

фото: курир.мк
фото: курир.мк

НОВА: Радмила Шеќеринска најави дека го напушта местото заменик претседател. Што значи ова напуштање на високо партиска функција од страна на еден од најистакнатите членови на СДСМ? Дали е ова најава за некој нов циклус во партијата кој ќе донесе до позначајни поместувања?

Спасов: Мислам дека на тоа не треба да му се придава големо значење. Таа и Заев во овој период завршија значајни работи. За неа мислам дека е најобразованиот социјалдемократ од Македонија и личност со неверојатен углед во странство. Понекогаш секој од нас се уморува и си вели па доста бев на функција. Можам јас да помогам ако партијата има потреба од мене и на друг начин. Убеден сум дека Заев како лидер ќе знае да ги искористи нејзиното знаење и влијание во меѓународната јавност во интерес на партијата.

Во сите партии има по еден „дежурен виновник“. Често пати додворувачите на лидерот кога нешто не е в ред не го обвинуваат него туку некој негов близок соработник кој му се меша во кадровската политика. Шеќеринска како еден од поискусните кадри кој остана во тимот на Заев, ми се чини дека почна да биде посочувана како некој „дежурен виновник“ и тоа не е удобна позиција.

Во земји како Македонија, секогаш кога не одат работите како што очекува јавноста, решението се бара по системот „дај ново дете“. Но, мислам дека Заев ќе умее да задржи околу себе и дел од поискусните членови на партијата, особено ако го формира долго најавуваниот Форум на ветерани на партијата и им даде реална моќ за влијание.

НОВА: Како го оценувате Зоран Заев како партиски лидер и какво е вашето мислење за неговите социјал демократски перформанси?

Спасов: Јас напишав во мојата книга „Политичкиот предизвик на социјалдемократијата“ дека што и да се случува, Заев ќе остане запаметен во политичката историја на Македонија по тоа што успеа да сруши три мита:

Првиот мит беше, митот за непобедливоста на авторитарен режим на избори, односно дека Груевски нема шанса некој да го победи на избори.

Вториот мит беше митот за вечноста на етничките партии во Македонија и невозможноста тие да се трансформираат во граѓански мултиетнички партии.

И третиот мит беше митот за неможноста од решавање на деценискиот спор околу разликите за името со Грција, кој почиваше на уверувањето дека целта на Грција е Македонија да не постои како независна држава.

Тој се избори за местото лидер на партијата самостојно. Направи кадровски промени и донесе многу нови млади луѓе од внатрешноста со што го засили СДСМ таму кај што беше најслаб. Направи исчекор во претворање на партијата во граѓанска со вклучување Албанци во своето членство и на листите. Преку паролата „Нема правда, нема мир“ и говорењето за враќањето на средната класа, направи обид да ја врати СДСМ на изворните принципи. Тој примени целосно нова комуникациска стратегија преку социјалните мрежи и покажа невидена храброст во политичката битка со објавување на прислушуваните разговори. Сето тоа му донесе можност на СДСМ да добие уште еден мандат и да не изгуби многу дури и со обезбедувањето двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Медиумите добија поголема слобода а на екраните се вратија на дебатите меѓу власта и опозицијата. Тој е политичар кој созреваше на функцијата премеир и со искуството од сферата на бизнисот ја помрдна партијата во десно од центарот. Сепак, јавноста е се почуствителна на низа корупциски афери врзани со луѓе блиски до него и ако не успее да ги препознава на време и да се ослободува од таквите, лесно ќе го потонат и него и партијата веќе на следните избори. Тој има среќа што сегашната опозиција е се уште многу слаба и неорганизирана, но тоа може нема долго да трае и ќе бидат потребни сериозни напори за да се има успех на изборите.

НОВА: Најголем период од својата општествено политичка мисија СДСМ го вложи во евроатланските интеграциски процеси кои во последно време стануваат се помагловити. Дали во овие актулени консталации СДСМ не ризикува да биде после се оценета како наивен полтички субјект кој не успеал да ги согледа геополитичките превирања?

Спасов: Не. СДСМ на овој план од 1990 година до денес спроведува политика во која искрено верува дека е најисправна. Тоа не се лесни битки, и на секого му е јасно дека се не зависи само од нас. Што и да се случува ние нема да изгубиме ништо. Според мене е важно да се нагласува дека членството на Македонија во ЕУ е нашата најпосакувана алтернатива, но не и единствена алтернатива. Ако мора, ќе се живее и без тоа членство. Сите работи треба да ги сфаќаме сериозно, но ниту една трагично. Нас никој не не измамил. Станавме членка на НАТО, го зачувавме и засиливме идентитетот. Натамошната имплементација и на договорот со Грција зависи од напредокот во членството во ЕУ. Оттука и другите ќе притискаат во таа насока, но не е крај на светот.

Мора да се ослободуваме од таа „психологија на жртва“ и приказните за „блудницата Вавилонска“. Градењето на лажна надеж и нерелни очекувања во кус рок можат да бидат бумеранг за власта и навреме треба да се соопштуваат и лошите вести.

фото: локално.мк
фото: локално.мк

НОВА: Дали неуспехот на обидите за старт за преговори за членство може да значи и крах за цела продемократски и проевропски ориентирана јавност со што ќе се отвори огромен простор за настап на десничарските популистички тенденции?

Спасов: Не, треба да се има способност да се објаснува. Десницата е националистичка и евроскептична, таа ќе промовира руски суверенизам.

Но главното оружје на опозицијата, кај нас и во светот, е сепак борбата против корупцијата на оние горе и одбраната на „малиот човек“. Ако социјалдемократијата понуди одговори на клучните прашања, како што се стандардот, здравјето и образованието, лесно ќе ги менџира лажните вести и конспирациите, типични за и левите и десните авторитарни движења кои се закануваат со одмазда кон власта. Треба само да се компарираат алтернативите политички и кадровски и да се покаже реазултат во спречувањето на корупцијата.

НОВА: Како поранешен амбасадор во Бугарија како гледате на ситуацијата таму по изборите и изгледите да се надмине спорот кој ја блокира нашата евроинтеграција?

Спасов: Ќе биде тешко и ќе трае долго. На крајот ќе биде потребен посредник како во случајот со Грција. Ова со Бучковски како специјален пратеник, со сето почитување е импровизација и обид да се држи приказната за разговори жива и да не бидат урнати сите мостови на соработка.

НОВА: Дали после 30 години постоење на СДСМ можеме да зборуваме за постоење на заокружена и дефинирана социјалдемократска идеологија во чија основа е социјалната правда. Ве прашувам поради фактот што живееме во исклучително социјално нерамноправно општество?

Спасов: Социјладемократските партии и движења во цел свет се во потрага по идеолошки концепт со кој успешно ќе им се спротистават на избори на национал популистички и авторитарни партии од левицата и од десницата.

Национал популистите нудат социјална демагогија и наводната грижата за сиромашните им е главната алатка за собирање гласови. Тие не нудат нов модел на социјално пазарна економија туку класични прераспределби на веќе создаденото. Нивната политика во некои земји кај што дојдоа на власт уште се нарекува „виолинска“. Како што виолината се држи цврсто со левата рака а на неа се свири со десната, така и тие ја освојуваат власта со левичарска идеологија а по превземањето со најбруталните методи на десницата прават се за да ја задржат.

Пандемијата со Ковид 19 создаде извонредна прилика за големи задолжувања на државите, државен протекционизам и делење незаработени пари. Во такви услови многу е тешко да се понуди заокружен социјалдемократски концепт.

СДСМ во својата програма со петте столба на која работеше Драган Тевдовски понуди модел за смалување на јазот меѓу најбогатите и најсиромашните во Македонија и за јакнење на средната класа ама имам впечаток дека тој концепт со политиките на Владата не се спроведува. Без таков концепт тешко може да се задржи власта. Сега во замена за таква политика се нуди социјална политика која обезбедува повисок степен на социјална правда преку зголемување на најниската плата, пензиите, социјалната помош и финансиска помош за најранливите категории. Сепак, тоа на ниво на држава не го смалува процентот на оние што живеат под прагот на социјалната издржливост и не задира во големото збогатување на најбогатите кои и во услови на криза остваруваат големи профити и делат големи дивиденди. Во светот се помалку е употреблива скалата од левица кон десница за препознавање на иделошкиот профил на партиите, па некои лидери велат: мојата партија идеолошки се позиционира „малку позападно од центарот“. Ако Истокот го означувате како поавторитарен а Западот подемократски тогаш оваа формулација исто така укажува на еден збир на вредности за кои се залага некоја партија. Но, тешко е и тоа да му се објасниш на човек кој знае дека во Источна Европа, на Западен Балкан ако од север тргнеш на југ ќе стигнеш во Република Северна Македонија.

НОВА: 30 години независност, 30 години транзиција и од кои добра половина СДСМ ја имаше привилегијата да ја управува државата. Како еден од основачите на СДСМ како ја дефинирате улогата и одговорноста на СДСМ за состојбите во кои денска се наоѓа општеството?

Спасов: СДСМ кој на изборите во ноември 1990 година настапи под името СКМ – Партија за демократска преобразба, како и сите други партии што се формираа во еден мошне кус период пред одржувањето на тие избори, реално не беше подготвен да ја води смислено и успешно трансформацијата на општеството од социјалистичка самоуправна демократија во модерен капиталистички систем. Притоа, требаше истовремено да ги решава сите проблеми што произлегуваат од распадот на Југославија и трансформирањето на земјата од членка на една федерација во независна држава со статус на рамноправна членка на Обединетите нации.

Во тој процес применувавме имитативни стратегии од Словенија и Хрватска во сферата на економијата, потоа во градењето на институциите, пишувањето на Уставот па и во процесот на обезбедувањето меѓународна поддршка за нашата независност. Дополнително, ние бевме во многу различна ситуација од нив и заради економската неразвиеност, сложената етничка структура на населението и односите со соседите.

Ја имавме среќата што Петар Гошев ја формираше тнр. Комисија за демократски реформи, во чија работа се вклучи и Киро Глигоров и што Киро Глигоров активно се вклучи во кампањата за првите парламентрани избори па потоа беше избран и за прв претседател на Република Македонија.

Заслуга на СДСМ и Глигоров во тие години на големи превирања на југословенските простори беше што за разлика од Словенија, ние не направивме обид за насилно протерување на армијата од Македонија, туку тоа се постигна со договор. Македонија можеше да се пофали дека во периодот додека беснееја војните на просторот од поранешна Југославија таа остана „оаза на мирот“. Имавме среќа што кај нас на првите избори националистите не добија толкаво мнозинство за да можат како во Хрватска да предизвикаат судири преку уставното дефнирање на Македонија само како национална држава на Македонскиот народ. Исто така, добивме прилично либерален Устав и покрај тоа што Албанците не гласаа за него во Собранието. Македонија во тие први години на партискиот плурализам за среќа не посегна по моделот на конфронтација со Албанците како тоа што го правеше Милошевиќ, туку успеа по првите избори да обезбеди соработка со нив, да ги вклучи во сите институции и да направи со нив заедничка влада. А се разликувавме и по начинот на кој успеваме да станеме членка на Обединетите нации. По силните притисоци од страна на Грција па и блокади, Македонија мудро прифати да стане членка под привремента референца. Со привремената спогодба со Грција, Македонија создаде амбиент за нормално функционирање на државата.

Сето ова сметам дека беше реално заслуга на СДСМ и на претседателот Глигоров и беше од голема важност за почетното етаблирање на Македонија во меѓународната заедница.

Партијата СКМ- Партија за демократска преобразба, на првите избори во 1990 година излезе со слоганот кој лично го предложив и гласеше „Македонија може“. Сите заедно тогаш сметавме дека најважно ќе биде прво ние да веруваме, а потоа да ги убедиме и граѓаните дека Македонија може да биде исто толку незвисна и исто толку успешна држава како сите што настануваа во тој процес на распаѓањето на комунизмот.

По 30 години, на изборите во 2020 година коалицијата предводена од СДСМ излезе на изборите со слоганот „Можеме„. И тоа говори за еден континуитет на верувањето во својата визија, идеја и способност да водиш политика која се дефинира како насочување на земјата во некој посакуван правец.

Секако дека овој процес на транзиција од комунизам во демократија кај нас не може да се оцени како многу успешен и факт е дека има голема разочараност. Имавме многу пречки во развојот и проблеми со соседите. Како сиромашна земја не изнајдовме побезболен начин на трансформацијата на сопственоста од доминантно општествена во приватна. А патријархалната и поданичка политичка култура повеќе им даваше предност на залагањата за „цврста рака“ отколку на лидерите со демократска ориентација и затоа денес општеството е поделено на мал слој супер богати сопственици и огромни слоеви сиромаштија, а без стабилна средна класа, политичката култура на поделеност доминира.

Во оваа смисла, СДСМ можеше да направи повеќе за смалување на социјалните разлики преку праведно оданочување, за спречување на систематската корупција и за создавање на амбиент во кој внатрешните конфликти ќе се решаваат со методите на надворешната политика, односно со повеќе компромиси и со почитување на политичките противници.

Партијата реално беше фактор за либерализација на македонското општество и на негова модернизација, но под влијание на приватните бизнис интереси не успеа да ја одржи средната класа и економската рамноправност на пристојно ниво.

НОВА: Кој се според вас клучните фази на развојот на СДСМ? Каде се направија најголемите грешки а каде и кога партијата успеа да извлече лекции кои подоцна ја зацврстија партиската структура?

Спасов: Откако го предложив Бранко Црвенковски за лидер на партијата во 1991 година и кога тој стана не само лидер туку во 1992 година и премиер на владата, СДСМ се до 1998 година делуваше во сенката на Киро Глигоров. Сите ние во тој период очекувавме дека Претседателот Глигоров, кој беше познат во поранешна Југославија како економист реформатор, ќе влијае силно врз владините политики и дека Македонија ќе спроведе некој модел на поправедна и економски поуспешна транзиција. За жал, мислам дека Глигоров се концентрираше на други прашања и во економијата особено во време на санкциите кон Југославија и за време на војните на југословенскиот простор се создаваше хаос. Преку неправедна приватизација се создаде слој на „приватизациони магнати“ кои го присвоија некогашниот општествен капитал а оставија огромна маса на невработени. Од времето на Анте Марковиќ се појави еден слој на „шлеперски богаташи“ на кои санкциите кон Југославија им дојдоа како згодна прилика за ново богатење и почнаа да се појавуваат скромно тнр, нови претприемачи во трговијата, информатиката и други области.

До 1998 година не постоеше ниту закон за јавни набавки, па корупцијата и криминалот растеа со невидена брзина, навлегувајќи и во полицијата и во судството. Од 1994 до 1998 година СДСМ реално владееше повторно како во еднопартискиот систем, и по бројните афери како онаа со штедилницата ТАТ од Битола, настаните во Тетово и Гостивар со симнувањето на знамињата, се случи првата реална промена на власта во 1998 година.

Мислам дека СДСМ најдобро беше организиран и делуваше ефикасно во периодот додека беше во опозиција од 1998 до 2002 година. Во тој период се случија аферата со признавањето на Тајван, војната од 2001 година, беше тоа време кога НАТО ја бомбардираше Србија, бегалската криза и постигнувањето на Охридскиот рамковен договор. Но во тоа лудило, СДСМ се држаше коректно и конструктивно создавајќи тим кој на чело одново со Бранко Црвенковски успешно ги разоткриваше и критикуваше недостатоците на тој „воено профитерски капитализам“ па на изборите во 2002 година за прв пат освои околу 500 илјади гласови.

Проблемите на СДСМ започнаа по освојувањето на власта во 2002 година и создавањето на коалицијата со ДУИ. Отакако помина „медениот месец“ со апсења на криминалците од претходата власт, веќе во 2004 година Бранко Црвенковски стана Претседател на државата без јасен концепт за тоа кој ќе го наследи на лидерската позиција именувајќи го Хари Костов за премиер.

Во битката за „наследството“ на Црвенковски најуспешен се покажа Бучковски, кој во наредните две години беше и лидер на партијата и премиер. Во 2003 година на чело на ВМРО ДПМНЕ дојде Никола Груевски и тој на локалните избори во 2005 година покажа добри резултати. СДСМ не беше подготвен да одговори на реториката дека ВМРО ДПМНЕ нема да коалицира со „терористи“, дека ќе има мораториуми на етничките прашања, економски бум и силна борба против корупцијата и корумпираните политичари меѓу кои многу често се споменуваше Бучковски. Бранко Црвенковски кој за опозицијата стана лицето Б. Ц, сфати брзо дека од позицијата Претседател на државата не може да управува и со партијата како што се надеваше, која веќе ја сметаше за „свој производ“.

Казната за СДСМ стигна во 2006 година. По тој пораз на изборите, национал популистичката политика на Никола Груевски во соработка со ДУИ успеа да го држи СДСМ во опозиција до 2017 година.

По поразот на СДСМ во 2008 година, во партијата почна да преовладува уверувањето дека проблемот на СДСМ не е способноста на Груевски, туку отсуството на Бранко Црвенковски од партијата. По оставката на лидерската функција на Радмила Шеќеринска, почнаа подготовките за негово враќање на чело на партијата со именување „вршител на должноста“ претседател на партијата. Тој се врати на чело на партијата во 2009, направи еден релативно успешен обид за поправање на состојбата во партијата на изборите во 2011 година, но потоа како да се разочара и по црниот понеделник 2012 година, почна да ја заговара политиката на целосен бојкот на институциите. На наредните избори, инсистирајќи на тоа дека СДСМ треба да ги напушти и локалните институции, неколку градоначалници и членови на Извршниот одбор кои сметаа дека СДСМ има шанси без бојкот на локалните избори во 2013 година, успеаја во последен момент да ја спречат одлуката на партијата за бојкот на локаланите избори.

Следната фаза во развојот на СДСМ доаѓа со заминувањето на Црвенковски од лидерската функција и изборот на Зоран Заев за претседател во 2013 година. Со изборот на Радмила Шеќеринска за заменик претседател на партијата, се направи успешен обид за обединување на поискусните и на помладите но и за успешен спој на урбаното со руралното во партијата.

СДСМ го напушти нацинализмот, ја отвори партијата за Албанци во своето раководство и на своите листи, почна да говори за враќање на средната класа и достоинствен доход и бојкотот на институциите успешно го комбинираше со од една страна разоткривање на криминалите и злоупотребите на власта а од друга страна со обезбедување на меѓународна поддршка за фер избори.