Пред фабрика за оружје во албанскиот град Грамш синоќа се случи инцидент, во кој две лица со руски пасош и едно со украински се обиделе тајно да влезат во фабриката, потврди министерството за одбрана на Албанија.

„Веднаш реагирале војниците кои го обезбедуваат објектот, но при напорите за спречување на тројцата странски државјани, повредени се двајца војници. Тие се под медицински надзор на клиниката за трауматологија во Тирана“, стои во соопштението.

Полицијата соопшти дека во комесаријатот во Елбасан се приведени двајца мажи – Русин и Украинец, како и една Русинка.

Во истрагата за расветлување на околностите на инцидентот е вклучена и агенцијата за разузнавање.

Според медиумите, во моментот кога војниците им се приближиле, дошло до физичка пресметка меѓу војниците и трите лица кои користеле палки и спреј за време на тепачката.

Во инцидентот се повредени двајца албански војници, кои се надвор од животна опасност, но едниот од нив е под ризик да остане со оштетен вид.

„Во чантите на приведените лица- руски агенти пронајдена е апаратура што ја користат агенти за шпионажа за фотографирање објекти. Во микрочиповите на апаратурите пронајдени се фотографии од објектот во Грамш“, јавија медиумите.