Наставничка  тепала дете од четврто одделение, а  го терала и неговото другарче да го удира додека таа му ги држела рацете, по што против неа е поднесена кривична пријава. Ова за НОВА го тврдат родители на децата кои биле инволвирани во инцидентот, директорката на училиштето,  а случајот стигнал и до градоначалникот на Штип. Пет месеци по инцидентот,  мирот во основното  училиште „Тошо Арсов“ не може да се врати. Родителите и децата се  поделени, наставниците и директорката вознемирени. НОВА стапи во контакт со сите засегнати страни и приказната ја пренесуваме хронолошки.

Се започнало на 7 октомври минатата година кога деветгодишниот Марио, го удрил( намерно или не, мафтајќи со рацете) и го изгребал под окото неговиот врсник Александар, од другото одделение. Според кажувањата на мајките на двете деца, кога го видела наставничката го прашала кој го сторил тоа и заедно со Александар се стрчале кон Марио.

„Прво таа му удрила шамар, а потоа побарала од Александар да го удри Марио. На Александар му било непријатно тоа да го стори, но по наредба на наставничката Ванѓа го плеснал малку по лицето. Наставничката не била задоволна од тоа и барала да го удри посилно, со зборовите „Ова не е шамар, слободно удри го посилно“, по што, велат детето било принудено да ја слуша наставничката, го удрило додека таа му ги држела рацете на Марио“, раскажуваат за НОВА, Зорица Кирова мајка на Марио и Магдалена Г., мајка на Александар.

Тие две не се познавале се до пред извесно време кога одлучиле дека треба да стават крај на кошмарот која трае шест месеци од и по овој немил случај, да се истера правдата и  да им се врати мирот на децата, на родителите и  наставниците.

По, индицидентот Зорица, мајката на четвртооделенецот Марио случајот го пријавила во полиција по што, Јавното обвинителство  покренело кривична пријава против наставничката Ванѓа Манева.

Двете деца биле повикувани на разговор кај педагог, психолог, просветен инспектор и по неколку пати раскажувале што се случило, поминувајќи низ голем стрес.

Во исто време децата од одделението се раскарале и како што вели мајката на Марио, влегувале во одделението на Марио и го навредувале.

„Марио го однесов на лекар, повредите, неговата здравствена состојба, се е документирано. Детето и така има сериозен здравствен проблем и не треба да му се предизвикува стрес. По инцидентот и откога наставничката беше отстранета од училиштето,  децата од нејзиното  одделение влегуваат во училница кај Марио и му викаат„цркни“, “ти си дете со посебни потреби“ и ова трае пет месеци. Марио е мирно дете, не е проблематичен и никогаш никого не повредил“, објаснува за НОВА, Зорица Кирова, мајката на Марио.

Зорица Кирова, мајка на четвртооделенецот Марио

И Магдалена мајката на другото дете кое тврдат дека било наведено да тепа, вели дека син и поминува низ голем стрес.

„Ситуацијата ескалира и наставничката бара начин да се спаси. По случката, наставничката Ванѓа ми бараше телефонски број од син ми, разговарала со него и тој, веројатно под притисок, не ја кажа вистината во првиот момент пред педагошката служба. Но, после тоа ми раскажа се. Син ми е трауматизиран, се тресе, плаче, ми вика„Мамо на лагата и се кратки нозете, како кај мене, нели“, видно потресена раскажува Магдалена Г.

Додека се ова се случувало директорката на училиштето Фросина Маџарова, ја прераспределила наставничката Манева во друго училиште. И оттогаш, според директорката и родителите, се засилиле притисоците врз децата во одделението, родителите протестирале пред училиштето барајќи да се врати омилената наставничка и нивните деца шест дена не ги пуштале на настава.

„Јас постапив според закон. Беа известени инспекторатот, МВР и сите институции кои требаше. Донесов одлука да ја префрлам во друго училиште. Во исто време и таа го тужи училиштето и бара да се врати назад, но не може да се врати додека не заврши судскиот процес. Врз мене се вршат големи притисоци од сите страни, се разболев, на боледување сум“, вели за НОВА, Фросина Маџарова директорка на штипско основно училиште“Тошо Арсов“.

По нејзината прераспределба дошла нова наставничка, но четвртооделенците од одделението на Манева ја бојкотирале наставата. Единствено дете кое се појавило на настава бил Александар, детето кое го удрило Марио, како што велат, зашто од него тоа го барала наставничката. Работата отишла до таму, што родителите правеле и петиција да се тргне Марио од училиштето.

„ Кога се вратија и останатите деца на настава, тропаа со рацете по клупите, го вртеа грбот на новата наставничка,  ја бојкотираа, викаа„ ја сакаме Ванѓа, да се врати Ванѓа“ , велат мајките.

Последно, на 30 јануари бил свикан училишен одбор на кој била донесена одлука на 3 февруари наставничката Ваѓа Манева да се врати назад во училиштето. Но директорката е на боледување, одлуката не ја потпишува и вели дека останува на својот став, Манева да не се врати додека не заврши судскиот процес.

„Исто е каде ќе предава, мојот став е да не се враќа додека не заврши судскиот процес. Не знам какви се овие игри сега, но притисоците се големи“ вели Маџарова.

Таа потенцира дека ова не е првпат истата наставничка да биде инволвирана во немил настан. Минатата година против неа била поднесена Претставка до Народниот правобранител поради дискриминација на дете Ромче, кое не сакала да го прими во нејзиното одделение.

НОВА побара став од наставничката Ванѓа Манева. Таа негира дека воопшто имало инцидент и тврди дека секогаш, во својата 15 годишна кариера се труди работите да ги решава на мирен начин. Одлуката на директорката ја смета за незаконска и во интерес на децата смета дека треба да се врати во училиштето.

„Немаше никаков инцидент. Конфликтот меѓу двете деца се обидов да го решам на мирен начин и сметам дека во интерес на децата треба да се вратам во училиштето. Одлуката на директорката да го суспендира училишниот одбор е незаконска“, вели наставничката Ванѓа Манева.

Благој Бочварски, градоначалник на Штип

Во меѓувреме, двете групи на родители(тие што бараат да се врати наставничката и другите кои бараат да не се враќа додека не заврши истрагата и судскиот процес) одвоено биле кај градоначалникот на Штип, Благоја Бочварски.

„Околу 18 родители бараат да се врати наставничката, друга помала група од одделението не сакаат да се врати. Јас оставам на одлучи Државниот просветен инспекторат, како неутрална институција во Скопје. Сепак, мојот став е дека треба да се врати на полугодие, и по цена да се подели одделението, таа да остане да работи со децата што ја сакаат, а судскиот процес да си тече. Кога ќе и заврши боледувањето на директорката, ќе ја повикам да разговараме и заедно да донесеме одлука“, изјави за НОВА, градоначалникот Бочварски.

Ситуацијата е тензична. Се шпекулира дека одлуката на училишниот одбор, токму сега, е со цел да се врати наставничката Манева пред 12 февруари кога се распушта Собранието по што ќе бидат замрзнати сите нови примања и префрлања.

Каква ќе биде одлуката која треба да биде донесена во наредните денови зависи од надлежните. Од тоа ќе зависи дали ќе  престанат притисоците и препукувањата меѓу родителите и децата и дали ќе се врати мирот во ова штипско основно училиште.