Децениите што следуваа по Студената војна не беа доволен период за Финска и за Шведска да се придружат кон НАТО, но руската инвазија на Украина го менува расположението во двете скандинавски земји.
Анкетата на фински „YLE“ покажа дека за првпат над 50 отсто Финци изразиле поддршка за членство на земјата во Алијансата, а слично расположение покажа и истражување во Шведска. Точка за евентуално пристапување на Финска во Северноатлантскиот воен сојуз во понеделникот беше на дневен ред и во финскиот парламент.
За утре, пак, во Брисел е најавен вонреден состанок на НАТО на ниво на министри за надворешни работи на земјите членки на Алијансата, на ЕУ и на официјални лица на двете скандинавски држави.
Рускиот напад на Украина ги натера Финска и Шведска да размислуваат за напуштање на политика на неутралност и да ја помогнат украинската војска со оружје. За Шведска, ова е прва воена помош кон друга земја од 1939 година, кога ѝ помогна на Финска во борбата против тогашниот Советски Сојуз.
Финска има долга историја на конфликти со Русија, со која дели граница долга 1.340 километри. Низ вековите, тие војувале десетици пати, последно од 1941 до 1944. По Втората светска војна, Финска разви прагматични економски и политички односи со Москва, станувајќи еден вид неутрална зона меѓу истокот и западот.
Шведска, пак, избегнуваше воени сојузи повеќе од 200 години.
Финска и Шведска станаа членки на ЕУ во 1995 година и потоа ја продлабочија соработката со НАТО. Финската анкета спроведена од 23 до 25 февруари вели дека 53 отсто од жителите се за членство во НАТО, а само 28 отсто се против. Во Шведска, односот бил 41 отсто „за“ и 35 отсто „против“.




