#MenInHijab. Мажи во хиџаб (исламска шамија) е иранска кампања во која жените бараат поддршка од мажите во нивната борба против законската обврска да носат шамија на главата.
Жените во Иран кои ќе се осмелат да не стават шамија на јавно место се изложуваат на казна па дури и затвор. Законите за шамијата датираат од 1979 година и исламската револуција во оваа земја.
Ова правило се повеќе почнува да ги иритира жените дисиденти. Тие почнаа да објавуваат свои фотографии на кои позираат на јавни места без хиџаб.
Една иранска новинарка направи пред извесно време платформа насловена “Мојата кусотрајна слобода”. И одлучи да тргне во нова кампања #MenInHijab со која сака да ги мотивира мажите да дадат поддршка.
Идејата им се допадна на некои мажи во Иран па почнаа да се фотографираат со хиџаб на главата. Кампањата има огромен успех на социјалните мрежи.
За иницијаторката на кампањата ова е вистински успех:
“Мажи, вие сте навикнати да ги гледате жените во хиџаб и мислите дека тоа е нормално. Но, за милиони жени од Иран оваа обврска е навреда за нивното достоинство”, изјави таа за британскиот Индипендент.
Веќе самиот факт што некои мажи влегоа во оваа кампања е огромен успех во Иран, земјата која во април 1979 година беше прогласена за исламска република.







