Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово Иса Мустафа ќе биде новиот премиер на Косово, додека актуелниот премиер Хашим Тачи од идната година ќе стане претседател.
Ова е договорот кој го пренесуваат косовските медиуми по синоќешниот состанок на лидерите на ДСК и ДПК во присуство на актуелната претседателка Атифете Јахјага.
Истите извори наведуваат дека на оваа средба присуствувала и американската амбасадорка во Косово Трејси Ан Јакобсон.
Новата владина колиција која е формирана од двете партии коишто добија најмногу гласови на последните јунски избори во Косово –ДПК и ДСК, фактички ја растури опозиционата коалиција во која покрај ДСК беа и три други партии.
До ова дојде поради тврдиот став на Мустафа во разговорите со опозицијата, но и со ДПК тој да биде премиер.
Во една изјава за медиумите актуелниот премиер Тачи изјави дека во новата колицијата ќе има и претставници на малцинските партии.




