Исламската држава објави дигитален часовник кој го одбројува времето до истекот на рокот од 48 часа кој го дадоа џихадистите за киднапираниот Хрват Тимислав Салопек. ИСИС бара египетските власти да ослободат група муслимански затворенички во замена за животот на Салопек. Рокот истекува во 17 часот и 35 минути по хрватско време.
„Ве молам пуштете ми го синот да се врати кај своето семејство. Неговиот мотив за одење во вашата татковина е само за да заработи за леб за своите деца. Ништо друго“, вели во апелот до џихадистите неговиот татко Златко Салопек, што го објави АФП.
Хрватот Салопек бил киднапиран на 22 јули. Во Египет работел како менаџер на една француска компанија. Џихадистите бараат да го „разменат“ Салопек за муслимански жени што се чуваат во египетските затвори.
Треба да се постигне договор „за 48 часа од сега“, вели Салопек во видеото и додава дека ако не дојде до тоа, џихадистите ќе го убијат.
Хрватот ја именува и групата што го киднапирала како „Провинција Синај“ (или Вилает ал-Сина), претходно позната како Ансар Баит ал-Макдис, која ѝ се заколна на верност на ИСИС во ноември 2014. Тие се нарекуваат „официјална провинција“ на ИСИС во Египет.
Во Каиро вчера отпатува и хрватската министерка за надворешни работи Весна Пусиќ. Заедно со неа отпатува и сопругата на киднапираниот Хрват, Наташа Салопек. Тие во Каиро отпатуваа во договор со египетските власти.




