Египетскиот разгранок на Исламска држава „Вилает ал-сина“ се заканува дека ќе го убие киднапираниот хрватски државјанин Томислав Салопек, кој работи за една француска компанија.
Во видео објавено на интернет џихадистите се закануваат дека ќе го убијат доколку не бидат ослободени група муслиманки што се чуваат во египетските затвори.
Во видеото насловено „Порака до египетската влада“, маскиран напаѓач со нож стои до клекнатиот Салопек, кој е облечен во портокалов комбинезон, се слуша како Салопек чита белешка кажувајќи го своето име, возраста, земја и работно место. Тој вели дека е женет и има две деца.
Хрватот бил киднапиран на 22 јули. Џихадистите бараат да го „разменат“ Салопек за муслимански жени што се чуваат во египетските затвори.
Треба да се постигне договор „за 48 часа од сега“, вели Салопек во видеото и додава дека ако не дојде до тоа, џихадистите ќе го убијат.
Хрватот ја именува и групата што го киднапирала како „Провинција Синај“ (или Вилает ал-Сина), претходно позната како Ансар Баит ал-Макдис, која ѝ се заколна на верност на ИСИС во ноември 2014. Тие се нарекуваат „официјална провинција“ на ИСИС во Египет.
Хрватското Министерство за надворешни работи соопшти дека прави сè што е можно за да ја реши „оваа тешка ситуација“ и дека хрватската министерка за надворешни работи, Весна Пусиќ, ќе отпатува во Каиро.




