Исламската Држава ја презеде одговорноста за смртоносниот терористички напад во Барселона, кој се случи попладнево и усмрти најмалку 12 лица.
Бело комбе со голема брзина влета меѓу луѓето на туристичката улица Лас Рамлас, во центарот на Барселона. Властите потврдија дека 12 луѓе се загинати, а 80 повредени.
Возачот на комбето избегал од местото веднаш по настанот. Тамошните медиуми јавуваат дека возачот на комбето бил облечен во бела облека со сини линии. Таксист кој бил присутен на местото на несреќата вели дека комбето возело со голема брзина и ги газело сите на кои налетало.
Двајца осомничени за поврзаност со нападот се уапсени, вклучувајќи човек по име Дрис Оукабир кој има 28 години и е роден во Мароко.
Министерот за внатрешни работи, Јоаким Форн, во 20 часот соопшти дека 13 луѓе се мртви, а 50 повредени. Меѓутоа бројките на жртвите постојано се менуваат, па според последните информации, има 13 загинати и 100 повредени.
Еден од загинатите туристи е со белгиска националност, според нивното министерство за надворешни работи.
Полицијата застрела човек кој управуваше со автомобил кој удрил во двајца полицајци во Барселона, пренесуваат тамошните медиуми.
Шпанскиот премиер, Мариано Рајој е на пат кон Барселона. Тој на Твитер напишал дека ќе има максимална координација за апсење на напаѓачите и зајакнување на безбедноста.
Претседателот на Владата на Каталонија, Карлес Пуждемон, преку Твитер повика на максимална внимателност.
Лас Рамблас е централен булевар во должина од 1.2 километри кој поминува низ центарот на Барселона.
Булеварот е популарен меѓу туристите поради неговите пазари со тезги, барови и ресторани.
Поради нападот целиот јавен транспорт во областа е во прекин.
Според Министерството за надворешни работи на Република Македонија, засега нема информации за повредени македонски граѓани во Барселона.





