Во Рим денеска ќе стапи на должност новата италијанска Влада на чело со досегашниот премиер Џузепе Конте.
Инаугурацијата на владата ќе се оддржи претпладнево во претседателската палата, јавуваат медиумите.
Новата влада ќе ја сочинуваат Движењето пет ѕвезди, членка на досегашната владеачка коалиција, и опозициската Демократска партија.

Формирањето на новата влада доаѓа по распадот на досегашната коалиција на Движењето пет ѕвезди и десничарската Лига на Матео Салвини, кој сакаше нови избори, надевајќи се дека би можел на нив да добие мнозинство доволно за Лигата сама да формира влада, а со оглед на големата популарност што во моментов лично ја ужива заради својката антиимигрантска и анти-ЕУ политика.
Матео Ренци се враќа во политиката
По неколку жешки августовски недели на италијанската политичка сцена поранешниот италијански премиер Матео Ренци се враќа во политиката, излегувајќи од политичката сенка, а притоа „ранувајќи“ тројца свои најголеми ривали, пишува „Политико“ од својата европска редакција.
Подавајќи му рака на својот поранешен непријател – Движењето „Пет звезди“, поранешниот градоначалник на Фиренца, познат во неговата земја како „ разурнувач“, го отвори патот за новата влада на политичкиот центар. Тоа му дава шанса на Рим да се врати на курсот по кој се движат Берлин, Париз и Брисел, и да не биде оставен на патот, следен од Будимпешта и Москва, коментира порталот.
Откако во 2016 година ја загуби функцијата премиер, а минатата година и на лидер на левоцентристичката Демократска партија (ДП), Ренци изгледа беше оставен во заборав, како обичен сенатор, кој ги напаѓа политичките противници со постови на социјалните мрежи.
Неговото свртување кон Движењето „Пет звезди“ минатиот месец ги заинтригира неговите непријатели. Откако го блокира сојузот со партијата на минатогодишните општи избори, тој одеднаш објави дека е подготвен да се обедини со своите непријатели за да ја спречи крајнодесничарската партија на Матео Салвини – Лига, да се врати на власт со евентуална победа на избори во текот на есента.
-За мене сојузот со Движењето „Пет звезди“ е огромна жртва. Ја правам само за Салвини да го испратам дома и да ја спасам италијанската економија, призна Ренци.
„Ова е услуга која и ја правам на земјата и се обидувам да и подадам рака на Европа во момент кога се навестува катастрофален Брегзит, а германската економика е во застој“, вели Ренци во интервју за „Политико“.





