Министерот за внатрешни работи на Италија Марко Минити денеска потврди дека во Милано е убиен осомничениот за терористичкиот напад на божиќниот панаѓур во Берлин, Тунижанецот Анис Амри.
На конференцијата за новинарите тој истакна дека без трошка сомнеж тврди дека идентификуваниот Амри е истиот што во понеделникот навечер го изврши нападот во Берлин.
Минити рече дека Амри е убиен во престрелка откако неговото возило било запрено при рутинска полициска контрола, околу 3 часот по полноќ.
Кога му биле побарани документи, Амри од ранецот извлекол пиштол и почнал да пука. Во таа прилика еден полицаец е ранет во рамо. Полицајците возвратиле и притоа го убиле Амри.
Минити рече дека професиналното делување и соработка на сите безбедносни сили во Италија овозможила брзо да го пронајде и да го неутрализира лицето барано со меѓународна потерница.
-Италија мора да биде горда на својот безбедносен систем, рече министерот додавајќи дека е „посебно задоволен и радосен“ што италијанската полиција успеала да го запре лицето кое во Берлин изврши злосторство.
Полицијата целиот случај го проследила до обвинителството, кое натаму ќе ја спроведува истрагата. Минити укажа дека истите информации им се проследени и на германските власти.
-Германските власти веднаш ги информиравме и воспоставивме контакт на политико полициско ниво, додаде тој.
-Благодарение на нашата полиција можеме да го прославиме Божиќ, рече Минити.




