Италијанскиот претседател Серџо Матарела ја прифати оставката на премиерот Џузепе Конте и денеска ќе почне консултации со лидерите на партиите за пронаоѓање решение за политичката криза, соопшти кабинетот на шефот на државата.
Матарела побара од Конте да остане на должност и да се занимава со дневните прашања на Владата додека траат преговорите.
Се очекува Матарела да процени дали постои политичка волја да се формира нова влада, а ако тоа не се случи тогаш тој ќе мора да го распушти парламентот, три и пол години пред истекот на мандатот и да распише предвремени избори.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте вчера поднесе оставка. Тој тоа го соопшти на седница на Парламентот, на која требаше да се гласа недоверба на владата, што пред 12 дена побара министерот за внатрешни работи Матео Салвини. Пред да соопшти дека поднесува оставка, Конте истакна дека одлуката на Салвини ќе има големи последици врз земјата и нејзината економија.
Во меѓувреме, поранешниот италијански премиер Матео Ренци изјави дека е подготвен за соработка со Движењето „Пет ѕвезди“, доколку таа соработка доведе до конструктивен став кон Европа.
-Треба да се обидеме и да формираме влада, доколку е тоа можно, изјави Ренци за телевизијата Франс2.
Политичарите од Движењето „пет ѕвезди“ и Демократската партија на Ренци отворено разговараат за формирање коалиција која треба партијата Лига, на Матео Салвини, да ја испрати во опозиција, пренесуваат британските медиуми.




