Поранешниот претседател Ѓорге Иванов преку соопштение реагира на прес-конференцијата на Антикорупциската Комисија од каде денеска побараа од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата да го раскине договорот за закуп на просториите на поранешниот претседател Ѓорѓи Иванов и да му додели канцеларии во државна сопственост.
Во соопштението од Иванов, проследено со Договорот за закуп се вели дека Антикорупциската Комисија изнесла невистини и свесно се обидела да манипулира со јавноста.
„Од договорот, јасно се гледа дека висината на закупнината на целосно опремен простор изнесува 1.950 евра месечно, а не како што денеска беше прикажано дека е 4.500 евра“, пишува во соопштението испратено од поранешниот претседател Иванов.
Oд Антикорупциската комисија денеска соопштија дека Договорот за закуп изнесува 1950 евра, a со вкупните трошоци и за екс претседателот Бранко Црвенковски изнесуваат 4.500 евра.
Освен киријата за 274 метри квадратни канцелариски простор во една од кулите на Џевахир, за Иванов месечно се издвојуваат и пари за тројца вработени, возач, службено возило за кое исто така се одвојуваат пари за сервисирање.
Претседателот има пензија и во висина од платата која ја примал како шеф на државата. Сите овие привилегии му следуваат доживотно. За него, како и за останатите претседатели не важат условите за пензионирање што според Антикорупциската е одредба која ги става во нееднаква позиција со останатите граѓани.
Антикорупциската побара овие привилегии не само за Иванов, туку и за Црвенковски да бидат временски ограничени, затоa што ваков луксуз нема во ниту една друга држава во соседството.
Антикорупциска бара Иванов да се исели од канцелариите во Џевахир-трошоците се луксуз





