Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод терористичките напади во Париз, упати сочувство до Претседателот на Француската Република – Франсоа Оланд.
„Со шок, неверување и чувство на огорченост ги примив потресните вести за терористичките напади во Париз и длабоко жалам за изгубените животи од варварскиот чин. Ова е напад не само против граѓаните на Париз, туку и против врвните европски и општочовечки вредности и принципи.
Господине Претседателе, додека Франција минува низ овие тешки моменти, врвен приоритет за целата меѓународна заедница треба да биде соработката и солидарноста во борбата против злото, а во одбарана на споделените демократски и цивилизациски вредности. Овој злосторнички чин нема да не поколеба во одлучната борба против тероризмот. Нема да дозволиме терористите да го посеат семето на стравот, екстремизмот и хаосот во Европа. Македонските граѓани, како и секогаш во историјата, ќе застанат зад слободољубивите граѓани на Франција во борбата против непријателите на мирот, слободата и правдата.
Во овие тажни мигови за Вас и граѓаните на Француската Република, дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија да упатам длабоко сочувство. Нашите мисли и молитви се со Вас и семејствата на настраданите и повредените.“ се вели во писмото.
Официјалните власти до сега потврдија шест терористички напади во Париз. Само три се слушиле на стадионот на фудбалскиот натпревар Франција-Германија, а останатите низ различни локации во градот, при што терористите пукале со автоматско оружје.
Бројот на жртвите достигна 153 лица. Над 200 се повредени од кои 80 се наоѓаат во критична состојба.




