Во пожар изгоре дел од Исламскиот центар во американскиот град Хјустон, во сојузната држава Тексас. Полицијата се сомнева дека пожарот бил подметнат.
„Истражителите јасно рекоа дека пожарот е подметнат“, истакнуваат челниците на центарот. Еден од нив за телевизиската мрежа ABC рече дека зградата била користена за чување книги и мебел. Пожарникарската служба во Хјустон не сакала за AFP да го коментира случајот.
Истовремено американскиот претседател Барак Обама потврди дека сојузната полиција FBI ќе го истражува убиството на тројцата студенти муслимани во Чапел Хил, во државата Северна Каролина.
Според изјавата на претседателот Барак Обама, FBI започнало сопствена истрага за убиството.
„FBI презема чекори во насока да се утврди дали има елементи од прекршување на федералните закони“, се вели во соопштението.
Тројцата студенти, 23-годишниот Диа Шеди Баракат и неговата сопруга 21-годишната Јусур Мохамед Абу-Салија и нејзината сестра 19-годишната Разан Мохамед Абу-Салиха, беа убиени на 10-ти февруари во кампусот на Универзитетот Северна Каролина.
Според американските медиуми, приведен е убиецот на тројцата студенти, 46-годишниот Крег Стивен Хикс, кој живеел во соседството.
Фактот што трите жртви се муслимани, веднаш ги покрена претпоставките дека вистинската причина за масакрот е верската омраза. Од организацијата за заштита на човековите права, Совет за американско-исламски односи побараа темелна истрага за таквата можност.
„Имајќи ја предвид бруталноста на извршеното злосторство…, односно дека две од убиените лица биле во религиозни облеки, како и растечката антиисламска реторика во американското општество, ги повикуваме државата и федералните правосудни власти брзо да реагираат на претпоставките за можните мотиви за ова дело“, изјави челникот на Советот, Нихад Евад.




