Институтот за земјотресно инженерство (ИЗИИС) досега извршил проценка на стабилност на 71 објект по серијата земјотреси што од неделата се регистрираат во скопското епицентрално подрачје.
До вчера до 12 часот направена е проценка за стабилност на 16 градинки, 22 основни и осум средни училишта, еден факултет, пет здравствени установи, еден суд, осум административни објекти и 10 згради.
– Во објектите стабилноста не е нарушена, а во одредени простории во дел од објектите констатирани се одредени неконструктивни оштетувања. Во случаите каде овие неконструктивни оштетувања се значителни, тие простории се затворени за употреба поради евентуални понатамошни оштетувања во услови на можни следни земјотреси, изјави Радмила Шалиќ од ИЗИИС.
На одговорните лица на овие објекти им е дадена препорака да ги следат оштетувањата во следниот период и доколку е потребно повторно да ги повикаат екипите од ИЗИИС.
Екипите на ИЗИИС и денеска се на терен и ги посетуваат објектите од витален интерес за градот, а за проценката на безбедност на објектите за индивидуално домување задолжени се општините.