Еден од најочекуваните документарни филмови оваа година – „Тhe Pirate Bay: Away From Keyboard“ на шведскиот автор Simon Klose е премиерно пуштен на Youtube. Се работи за 80-минутен документарец во кој се зборува за историјата на веб-сајтот за споделување на содржини Pirate Bay, за неговите основачи: Fredik Neij, Gottfrid Svartholm Warg и Peter Sunde и за нивната „Давид против Голијат“ борба против забавната индустрија.

Филмот е направен од повеќе од 200 часа материјал, а снимањето траело четири години.
„Сакав да го документирам она за што мислам дека е историски момент во еволуцијата на интернетот – овие нет-бунтовници против џиновите во медиумската индустрија. Ова е тажна приказна за тоа како предводниците на новата технологија се третирани како криминалци“, вели режисерот Klose.

„Тhe Pirate Bay: Away From Keyboard“ е достапен за слободно споделување, а поддржувачите ќе можат да купат на DVD за 23 долари или дигитална верзија за 10 долари. Филмот ќе биде прикажан на годинашниот Берлински филмски фестивал.