Самостојната изложба „Чиј е мојот град“ на Антонио Аранѓеловиќ ќе се отвори утре во 20 часот во Музеј на град Скопје.

На изложбата Аранѓеловиќ прикажува цртежи и графички листови изведени во различни традиционални и комбинирани техники, при што хартијата е обединувачки носител на медиумот.

Во ликовниот јазик со кој комуницира авторот, доминира сигурниот и снажен цртеж, препознатлив во суптилните тенки исцртувачки линии, но и во широките енергични потези кои го поставуваат пејзажот. Еднакво доминантна, покрај цртежот, е и графичката текстура која авторот ја создава со длабоко чувство за исклучителна естетска вредност.

Во делата на Аранѓеловиќ се создава еден нов универзум на испреплетени случувања и напластена реалност. Преку навидум едноставна и лесна нарација тој ни ја претставува дуалноста на оваа природа, отворено спротивставувајќи ја надворешната форма со внатрешната: скриена и суштинска – напиша за изложбата, Марија Ветероска.