Министерството за одбрана на Израел го намали бројот на земји на кои израелските компании можат да им продаваат кибер технологија поради глобалните последици предизвикани од продажбата на софтверот Пегасус на НСО Груп.

Продажбата е забранета во 65 земји, па така на новата листа има 37 земји, а претходно биле 102, пренесува израелскиот деловен дневен весник Калкалист.

Земјите каде што е загрозено почитувањето на човековите права, вклучително и новите израелски сојузници, Мароко и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), се отстранети од списокот.

Ниту Саудиска Арабија, ниту Мексико повеќе не се на листата.

Саудијците наводно го користеле софтверот Пегасус за да го следат новинарот на „Вашингтон пост“ Џамал ​​Кашоги, кој беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година.

Мексико, исто така, користел технологија за следење на новинари и активисти.

Сепак, Индија, која исто така беше обвинета дека користи НСО технологија за следење на новинари, опозициски политичари и активисти, се наоѓа на новата листа.

Новите правила се очекува да и нанесат тежок удар на израелската индустрија за кибер технологија, проценува весникот.

НСО Груп се соочи со меѓународни критики поради наводите дека им помагала на владите во шпионирање на дисидентите и активистите за човекови права.

Компанијата тврди дека нејзиниот производ е наменет само да им помогне на земјите во борба против криминалот и тероризмот.