Користењето на скапиот и најсофистициран софтвер од израелско производство Пегасус против студентите од движењето на отпорот, најзначајната предизборна сила во Србија, како и против новинарите и уредниците што власта ги смета за опасни по нејзиниот режим е доказ дека најмоќната сила на источниот брег на Медитеранот не излегува од атарот на тукашните автократските креатури. А овој софтвер може да се користи надвор од земјата-произведувач само со знаење на политичкиот врв на Израел и се дава на државни органи на земјата-корисник, пишува Љубомир Костовски за ЦИВИЛ МЕДИА во анализата под наслов „СРПСКА СТВАРНОСТ: Нема избори без израелски прсти“ објавена денеска.
Големата порта за израелските стручњаци беше отворена своевремено од унгарскиот десен автократ Виктор Орбан кој конечно замина во историјата откако целиот унгарски партиски ансамбл се обедини и направи мнозинство што не можеше да се изигра. И обратно – дробењето на електоратот во една Словенија, на пример, во исто време, му помогна на еднаш осудениот на затвор десен популист Јанез Јанша да се врати на чело на државата, иако со само еден глас во Парламентот што висеше како на клацкалка. Тука израелските експерти за малку ќе ја промашеа целта, но нивната репутација остана некако сочувана.
Следната задача на истата таа увезена гарнитура на изборни брокери ја доби (одново) работата во Белград, каде огромниот пад на угледот на „вождот“ Александар Вучиќ, по трагедијата во Нови Сад при падот на настрешницата на железничката станица и погибијата на 16 лица и протестите што уследија, требаше некако да се коригира со методи на кои малку кој би се сетил, секако.
„Фајненшл тајмс“ и Ројтерс пишуваат дека „мирното продемократско движење во Србија е цел на агресивен комерцијален шпионски софтвер“ пред клучните избори во 2026 година. Овие медиуми опширно известуваа за наводите дека студенти, опозициски активисти и други лица во Србија биле цел на напредни шпионски програми – израелскиот Пегасус (Pegasus) и домашниот NoviSpy.
Според FT, од почетокот на годината, повеќе од десет студенти и опозициски активисти биле цел на шпионски софтвер, што претставува најобемниот бран на ваков надзор во Србија документиран досега.
Во барем еден случај, канадските експерти за дигитална безбедност потврдија дека телефонот на студентски активист бил далечински заразен со Pegasus, софтвер од израелската компанија NSO. Во друг случај, според FT и Ројтерс, домашниот софтвер NoviSpy бил инсталиран на телефонот за време на престојот на лицето во полициски притвор, објавува Бета. Приведениот оди во ќелија без телефон, а потоа му го враќаат би рекле – малку потежок од обично.
Тоа не е сѐ. Фондацијата SHARE документирала 14 случаи на шпионажа оваа година. Во 12 случаи, луѓето ја контактирале откако добиле предупредување од Apple во август дека нивните iPhone телефони се потенцијално компромитирани.
Одиме и натаму. Организацијата Citizen Lab од Универзитетот во Торонто анализирала еден од тие случаи и утврдила дека телефонот е заразен со Pegasus благодарение на безбедносен пропуст во iPhone. Лицето што било цел на нападот не морала да ја отвори врската или да преземе никаква акција. Останатите 11 случаи сè уште се анализираат, според FT.
Целата анализа е достапна на овој ЛИНК.




