Морнарицата на Индонезија соопшти дека се извадени над 40 тела близу местото каде што паднал авионот на AirAsia кој исчезна во неделата.
– Видов еден човек како се ниша на брановите. Откако внимателно ја разгледав фотографијата на мојот лаптоп, сфатив дека тоа е човечко тело, вели поручникот на индонезиските воздухопловни сили, пренесуваат светските медиуми.
Во зоната на спасувачки операции утре ќе бидат пренесени со специјален авион роднини и блиски на патниците од исчезнатиот авион, објави весникот „Стар“, пренесува ТАСС.
Индонезиските власти се загрижени поради струите во водата, напоменувајќи дека доколку продолжат лошите временски услови, остатоците може да се разнесат пред екипите да дојдат до нив.
Длабочината на која се остатоците е помеѓу 25 и 30 метри, така што во спасувачката операција ќе се користат нуркачи, изјави индонезиската агенција за пребарување и спасување БАСАРНАС. Најмалку 20 нуркачи веднаш биле распоредени на местото.
Ербас A320-200 со 162 лица на индонезиската компанија Ер Азија исчезна при лоши временски услови во неделата наутро за време на летот од индонезискиот град Сурабаја кон Сингапур.




