Барселона (Шпанија) – Рома (Италија)

Севиља (Шпанија) – Баерн Минхен (Германија)

Јувентус (Италија) – Реал Мадрид (Шпанија)

Ливерпул (Англија) – Манчестер Сити (Англија)

Ова се четвртфиналните пресметки во Европската Лига на шампиони по денешното извлекување во Нион, Швајцарија.

Барселона и Баерн Минхен дефинитивно влегуваат како фаворити за во полуфиналето бидејќи условно кажано им паднаа екипи кои не важат за фаворити за освојување на најпрестижниот европски клупски трофеј.

Според фудбалската јавноста, особено ќе бидат интересни натпреварите помеѓу италијанскиот гигант Јувентус и најуспешниот клуб во ова натпреварување, Реал Мадрид.

Спектакуларна ќе биде и пресметката помеѓу англискиот гигант Ливерпул, кој е трет најуспешен клуб во ова натпреварување и Манчестер Сити, кој ја брка својата прва титула во Лигата на Шампионите, а во домашното првенство единствениот пораз го имаат доживеано од Црвените кои ги предводи Јирген Клоп.

Првите натпревари се играат на 3-ти и 4-ти април, додека повратните една недела подоцна.

Финалето е закажано за 26.мај а ќе се игра на Олимпискиот стадион во Киев, Украина.