Поранешниот украински претседател Викор Јанукович во интервју за британската национална телевизија ББС изјави дека жали за крвопролевањето што се случи на киевскиот плоштад Мајдан, по што тој беше симнат од власт, но вели дека пукањето не дошло по негова наредба.
– Јас не издадов наредба да се употреби огнено оружје, затоа што бев против употребата на сила и воопшто, против крвопролевање, вели Јанукович додавајќи дека сепак, тој се чувствува одговорен за она што се случило.
Поранешниот претседател во два мандати, смета дека припадниците на безбедносните сили не ги исполниле своите задачи предвидени со тогашните закони, а тие имале овластување за користење на оружјето.
– Прифаќам дел од одговорноста, затоа што не направив доволно за да се спречат крвавите настани, признава Јанукович во интервјуто.
Ова е првпат, тој да се сретне и да разговара со новинари од некој од западните медиуми, по неговото тргање од власта, тајното извлекување од Украина во Русија, што го извршиле специјалните руски сили и ибувнувањето на граѓанската војна.
Стотина демонстранти беа убиени во судирањата на главниот плоштад во Киев, каде се протестираше неколку месеци, откако тогашните власти во Киев и претседателот Јанукович во последен момент, одбија да го потпишат договорот со ЕУ, не сакајќи да ги расипат добрите економски и политички врски со Русија.
Според Би-би-си, Украинци кои биле сведоци на крвавите случувања на Мејдан, за британската тв емисија „Њузнајт“ изјавиле дека видела како се пука и врз безбедносните сили.
На 23 февруари, минатата година, руските специјалци успеаја да го извлечат Јанукович од Украина и да го префрлат на сигурно во Русија.Поранешниот претседател кој вели дека му е благодарен на рускиот претседател Владимир Путин за таа операција, открива оти воопшто не бил известен за планот за неговото извлекување.
По заминувањето на Јанукович, руските сили, без испукан куршум ги зазедоа украинските бази на Крим, а еден месец подоцна во април, проруските бунтовници ги освоија државните институции во Донбас, предизвикувајќи граѓанска војна во земјата.
– Ноќниот кошмар се претвори во реалност, вели Јанукович, кој анексијата на Крим ја означува како „трагедија“ која немало да се случи ако останел одговорен за украинските ситуација. Но тој ги критикува сегашните власти во Киев кои зборуаат дека ќе го преземат одново Крим.
– Како ќе го преземат. Со војна. Дали ни е потребна уште една војна, прашува поранешниот претседател.
Јанукович се надева дека еден ден ќе се врати во Украина и тврди дека источниот дел од земјата, што сега е под контрола на бунтовниците ќе остане дел од украинската територија.Но тој ги повикува САД и ЕУ да извршат притисок врз властите во Киев, за да прифатат дијалог со лидерите на бунтовничките сили.
Во интервјуто, Јанукович ги отфрли како невистинити обвинувањата на новата власт, дека „украл“ државни пари. Тој смета дека ниту по 1,5 година, не е покажан никаков доказ за таквите обвинувања. Поранешниот претседател тврди дека и вилата во околината на Киев, што беше прикажувана како „негова резиденција“ не е воопшто негова, туку дека е во државна сопственост.




