Бројот на настрадани од тајфунот Хагибис во Јапонија се зголеми на 40, додека екипите за пребарување и спасување продолжуваат да трагаат по 17 исчезнати во областите од централниот и источниот дел на земјата.
Според агенцијата Кјодо, најмалку 180 лица се повредени, а околу 38.000 лица се евакуирани од своите домови.
Хагибис на островот донесе рекордни количества дождови, поради што за само 48 часа се излејаа дури 20 реки.
Американските медиуми пренесуваат дека спасувачките екипи ги пребаруваат подрачјата околу надојдените реки и свлечишта во потрага по исчезнати, а властите предупредуваат дека се можни нови врнежи.
Премиерот Шинзо Абе најави дека Владата ќе формира посебен тим за катастрофи.
-Нашиот одговор мора да биде брз и соодветен, рече Абе , нагласувајќи дека многу лица се исчезнати, а штетите се големи.
Властите соопштуваат дека 60.000 домови во Токио и околните префектури се уште се без струја, а железницата соопшти дека железничкиот сообраќај е ограничен на градовите Нагано и Токио.






