Јапонскиот министер за правда Кацувуки Каваи денеска си поднесе оставка на функцијата откако во јавноста излегоа информациите дека неговиот кабинет им делел подароци на избирачите. Ова е втора оставка во новиот владин кабинет на премиерот Шинзо Абе за помалку од една недела.
Оставката на Каваи следи шест дена откако поранешниот министер за трговија и индустрија, Ишуа Сугавара, беше обвинет за прекршување на изборниот закон затоа што, наводно, на избирачите од својата изборна единица во Токио како подароци им давал дињи и ракчиња.
Двајцата министри се меѓу најблиските соработници на премиерот, но нивните оставки веројатно нема да предизвикаат трајна штета на актуелната власт, бидејќи според проценката на јапонските аналитичари, ривалите и опозицијата се слаби.
Во текст во неделникот „Шукан Буншун“ беше објавено дека Каваи освен што на своите приврзаници им продавал различни производи, вклучувајќи го и во Јапонија вообичаено скапото манго, и неговата сопруга пратеничката на Либерално-демократската партија Анри Каваи, на вработените во нејзината кампања им исплаќала поголеми износи од оние кои се дозволени со закон.
Каваи изјави дека ниту тој ниту неговата сопруга не знаат ништо за наводите и го негираше евентуалното законско прекршување. Но, како што рече одлучил да поднесе оставка за да го одбегне нанесувањето штета на правосудниот систем со губење на довербата во јавноста.
Во обраќањето до јавноста премиерот Абе се извини вторпат за една недела, изјавувајќи дека е одговорен за именувањето на двајцата министри во неговиот нов кабинет.
-Како личност која ги именувала имам одговорност и затоа и се извинувам на нацијата, рече Абе пред новинарите, нмабрзо откако ја прифати оставката на Каваи.





