Веќе дванаесетта година најмалите од полошкиот регион го учат јазикот и културата на другиот во рамки на групата „Мозаик“ во детските градинки во Тетово и Гостивар. Дечиња од македонска и албанска етничка заедница во групите се воспитуваат, образуваат, другаруваат и создаваат на двата јазика. За нив се грижат по две наставнички кои ги говорат и македонски и албански и велат дека за групата има интерес од родителите, затоа што децата ја практикуваа мултијазичноста и во натамошното школување.

„Јас го започнувам часот со македонски јазик, потоа мојата колешка тоа што го зборувам го кажува на албански јазик и обратно. При одржување на часот се користат двата јазика и на тој начин децата можат полесно да го научат тоа што го изучуваме, но и самите јазици. Скоро сите дечиња кои оделе во „Мозаик“, наредните години бараат во оваа група да се запишат и нивните братчиња и сестричиња. Ние само докажуваме дека часот може да се одвива на два јазика и важна е оваа основа да се научи јазикот во градинките и тоа сметам дека треба да продолжи и во училиштата“, рече учителката од детската градинка „Младост“ во Тетово, Дијана Петрушеска.

Групата „Мозаик“ во 2008 година започна како проект и формирана е по иницијатива на родители. Присутна е во повеќе градови во Македонија каде има мешан етнички состав. Овој начин на воспитување и образување на децата за неколку години го има вметнато во својата програма и Министерството за труд и социјална политика.

Целта на проектот е да се види како децата би го минале денот и се покажа како многу успешен. Но, во градинките тоа не беше за првпат децата да бидат заедно. Тие заедно си играат и според нашата програма. Овде мислам и на децата кои не се дел од „Мозаик“, и тие се мешаат. На почетотокот немаше многу деца, немаше многу одзив од страна на родителите, но оваа година се 30 деца. Децата меѓу себе си играат и ги учат јазиците и мислиме дека успешно си оди работата со „Мозаик“. Децата си разговараат, ги учат двата јазика и сме немале проблеми од родителите. Тие преку ден не преспиваат туку постојано нешто работаат и тие родители кои сакаат ваков начин на згрижување го одбираат „Мозаик“. Ги има вакви групи во сите мултиетнички градови и тоа не е проблем се докажа дека тоа е нормално. Ги има во Дебар, Куманово има и во Чаир каде има група и на турски јазик“, истакна директорката на детската градинка „Младост“, Рамије Даути.

Таа смета дека ваков сличен проект треба да има и во училиштата, во барем една одредена група каде родителите би избрале децата да учат во таа мултиетничка група, која ќе даде резултати како во детските градинки. Од Секторот за јавни дејности при општина Тетово, велат дека внимаваат на мултијазичноста

Значи Тетово е мултиетнички град. Тоа е богатство што треба да се зачува и да се пренесе и на децата и на учениците. Во Тетово има голема почит за овие работи, тоа е наша вредност сите овие едукативни активности се реализираат цело време. Во Тетово нема разлика, учениците не се поделени по национална основа. Тоа треба да се поттикне, да се зајакне и учениците да се едуцираат на соживот кое е наше богаство“, рече раководителот на Секторот за јавни дејсноти при Општина Тетово, Ахмед Ќазими.

Но, во праска, односно во училиштата, мултијазичноста не се спроведува, а уште полошо е што децата од македонска и албанска етничка заедница учат одвоено во различни објекти. Таков е случајот со гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово каде во централниот објект учат учениците кои следат настава на албански јазик, а во објектите на старото медицинско училиште учат нивните соученици Македонци. Такви примери има и во основните училишта во Тетово, но и во руралните општини.

Универзитетскиот професор на факултетот за јазици, култури и комуникации при Универзитетот на Југоисточна Европа, Демуш Бајрами, вели дека сите деца треба да бидат подеднакво прифатени во мултијазичната и мултикултурната средина, ако сакаме да се научи јазикот на другиот.

„За да се обезбедат принципите на еднаквост и универзалност, програмата треба да биде достапна за сите деца. Ова бара јасна прилагодена стратегија со европската практика. Во фаза на имплементација на стратегијата, потребно е функционален сеопфатен и најефикасен модел со доследно почитување на јазичните и културните разлики“, вели универзитскиот професор, Бајрами.

Тој додава дека Универзитетскиот на Југоисточна Европа каде предава е класичен пример како една образовна институција може да функционира на три јазици, на македонски, на албански и на англиски, зошто овој систем да не може да профункционира и во повеќе образовни институции, рече Бајрами.