Властите во Јемен се обидуваат да го откријат причинителот на мистериозната болест од која досега во земјата починаа 623 лица. Неименуван владин службеник од Аден изјави дека директорот на Министерството за внатрешни работи, Ахмед Насир, починал од непозната болест за која се претпоставува дека е треската чикунгуња што ја пренесуваат комарци, или од белодробна чума, јави агенцијата „Анадолија“.

Друг владин извор потврди дека од 1 до 13 мај во Јемен од чумата, но и од други вируси, починале 623 лица меѓу кои и повеќе владини службеници.

Чикунгуња е вирусна болест што ја пренесува комарецот „Aedes ae Egypti“, што е носител и на вирусот Зика и на вирусот Денга. Луѓето заразени со вирусот чикунгуња доживуваат општа малаксаност, гадење, треска и силна болка и отекување на зглобовите.