Јордански државјанин со американски пасош се обидел да упадне во кабината на пилотите во авионот на „Луфтханза“ кој летал од Франкфурт во Белград, но бил совладан од патниците и персоналот, јавуваат српските медиуми.
Авионот безбедно слетал и Јорданецот бил предаден на полицијата, која вчера попладне веднаш почна да го испитува, пренесе Б92. Како што пренесе белградски „Блиц“, Јорданецот најпрво почнал силно да чука на вратата од кокпитот, заканувајќи се дека „ќе ја отвори вратата од авионот!“. Сепак, прибраните патници успеале да го совладаат Јорданецот и авионот безбедно слетал во Белград во 12.45 часот.
Според првичните информации, екипажот не ја пријавил вонредната ситуација до контролата на летот, туку безбедно го атерирал авионот без проблеми на аеродромот во Белград, како што било планирано. По слетувањето, полицијата влегла во авионот и го извела надвор проблематичниот патник, кој потоа веднаш бил пренесен во полициска станица во Белград, каде што почнало сослушувањето.




