Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе истражува носител на висока функција во општина Струмица поради сомневање дека ја злоупотребил службената положба и овластување, соопштија од Обвинителството.
„Осомничениот во 2010 година во исти ден повластувајќи исто правното лице од Струмица склучил четири посебни договори со вкупна вредност од 1.029.549 денари за асфалтирање на една иста улица во населено место во општина Струмица. Наместо да спроведе една транспарента постапка за јавна набавка со објава на оглас за доделување на договор, истовремено распишал и спровел четири одвоени постапки за прибирање на понуди без оглас и покрај законската забрана за делење на договор за јавна набавка на повеќе посебни договори со пониска вредност, со што ги изиграл одредбите од Законот за јавни набавки на штета на Буџетот општината“, пишува во соопштението на обвинителството.