Тајноста на податоците за висината на бонусите делени во СЈО се клучниот елемент кој фрла сомнеж на начинот на кој се исплаќале додатоци за доверливост, вели државниот обвинител Љубомир Јовевски. Според него, станува збор за јавни пари и нивното трошење никако не смее да биде класифицирано. Додатокот не смеел да биде повисок од 35 отсто од платата која обвинителите ја земале. Државниот обвинител посочи дека ќе ги истражат сите околности за да утврдат дали има елементи на кривично дело.
-Првичните согледувања укажуваат дека по ист основ, два пати се земало плата и ако видите апсурдите до каде се донесени во делот на трошењето на државните пари, еве на пример еден секретар има повеќе плата од Претседателот на државата. Дали тоа е оправдано, дали е тоа логично, да процениме. Но, со ова не ја прејудицирам постапката што обвинителството ја води за овој настан, рече Јовески.
Претседателот на Хелсиншки комитет и професор на Правниот факултет при УКИМ Гордан Калајџиев смета дека доверливоста за која се исплажале надоместоци на платата спаѓа во нормалните одговорности на обвинителите и не може да е оправдување за толку високи хонорари.
-Проблематично е тоа што тие се делени без правилник и дека обвинителката Јанева малку ги делела од ракав. Со тоа претпоставувам тоа правело и раздор таму или при добивала поблиски соработници, рече Калајџиев одговарајќи на новинарско прашање на одбележувањето на 25 годишнината од Хелсиншкиот комитет.
Премиерот Зоран Заев денеска од собраниската говорница рече дека нема да дозволи нарушување на дигнитетот на институциите на системот, без разлика дали некој поединец го нарушил угледот на одредена институција и од тука да се извлекуваат еднакви заклучоци за целта, капацитетите и сите обвинители.
-Специјалното јавно обвинителство е орган создаден со консензуално гласање на Парламентот. СЈО ако институција е целосна служба и капацитет на оваа држава. Сето тоа што е јавно објавено како податоци за работењето на СЈО, е објавено од оваа Влада, транспарентно, до крај, и тоа е убавината и вредностите што оваа нова власт ги донесе, рече премиерот Заев додавајќи дека постојат органи кои ќе потврдат дали некој работи законски, а кој незаконски.
Заев одговараше на прашање на пратеникот Крсте Јовановски од ВМРО ДПМНЕ кој рече дека настапува во името на лицата кои се обвинети и осомничени во случаите на СЈО, институција, која според Јовановски е компромитирана.
Заев рече дека не држат тезите дека не постоеле случаите за злоупотреба на парламентарните избори што ги отвори и што ги води СЈО. Тој уште ги посочи случаите со уривањето на „Космос“, за недоследностите при градењето на делницата од кинеските компании, за закани од позиција на моќ, за злоупотреба на службени овластувања.
-Таму каде што нема докази, секој е слободен граѓанин. Но, поради тоа што оваа Влада одлучила да ги објави сите податоци на финансиски трансакции од 2010 година до сега да извлекувате заклучоци и да го деградирате СЈО, како систем основан од сите во државата, заради тоа што не функционирало државното обвинителство, тоа не смееме да го дозволиме, рече Заев, повикувајќи на поединечна одговорност која треба да се утврди низ судска постапка.
Командантот на полициската единица Алфи, Примислав Димовски чие име се наоѓа на лисата на лица кои добивале надоместоци за ангажман во СЈО на својот Фејсбук профил напиша дека тоа е за неговиот ангажман како истражител и дека е подготвен да ги врати парите, доколку се утврди некаква незаконитост.
-Како истражител во СЈО бев ангажиран во време во кое сосема неизвесно беше кој ќе ја предводи власта во наредниот период. Од клучно значење беше ангажманот на припадниците на МВР во СЈО, иако само малкумина, и покрај заканите и притисоците, се приклучија во борбата за правдата и вистината. Од клучно значење беше и моето повеќегодишно работно искуство во специјалните единици на МВР, за предмети за кои вистината гласно ја бараше целата македонска јавност. Часови и часови напорно работев со обвинителите, работев на материјалите од разговорите, но и на терен… Жедно ја посакував правдата и вистината и јас, и можам слободно да кажам дека ангажманот како истражител во СЈО беше еден од моите најголеми предизвици и искуство во професионалната кариера. За мојата работа никогаш не зборував, апсолутно почитувајќи го начелото на доверливост на кое се обврзав, но ангажманот можеше да се претпостави поради моето често физичко присуство во СЈО сите овие години.
Иако медиумите прикажаа табела со исплатени средства на која сум високо на врвот, за волја на вистината, од целиот тим на истражители износот кој мене ми беше исплаќан е најнизок во споредба со другите. Во секој случај, повикувам, доколку некој може да ја утврди вредноста на мојот вложен труд и работа на предметите, и времето поминато на ангажманот како истражител, и при тоа утврди дека тоа не е соодветно со средствата кои сум ги добивал за таа намена, јас сум подготвен да го вратам секој денар кој не сум го заработил, напиша Димовски на Фејсбук.
НОВА вчера ги објави списоците со финансиските трансакции на СЈО објавени од Tвитер акаунтот @mikrobot, кој е основач на Time.mk, преземни со новата алатка на Министерство за финансии „Отворени финансии“.
Обвинителката Фатиме Фетаи која беше во СЈО вчера, коментирајќи ги критиките за додатоците кои ги добивале специјалните јавни обвинители, рече дека работеле месечно за плата што е соодветна на платата што им се дава на лицата на оваа функција каде било во регионот, додавајќи дека нивните плати биле само за 300 евра повисоки од тие на обвинителите.
Таа ги спореди со додатоците што некои пратеници ги земаат за патни трошоци. Посочи дека зачудува брзината со која некои институции се јавиле да ги истражат додатоците што ги земале обвинителите во СЈО, за разлика од брзината со која постапуваат за други предмети. Како што рече Фетаи, доколку биле толку експедитивни, немало да има потреба од формирање на СЈО.
Чувањето доверливи информации е обврска, не ставка за надомест