Доколку се распадне Шенген зоната, во ЕУ ќе порасне невработеноста, предупреди денеска претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, оценувајќи дека во тој случај, бесмислено е да се задржи еврото како единствена валута.
– Шенген зоната е едно од најголемите достигнувања на процесот на европски интеграции. Без тоа, без слободно движење на работниците, без слободата на европските граѓани за слободно движење, еврото нема смисла, рече Јункер на прес конференцијата, додавајќи дека со „убиството“ на Шенген, се убива и единствениот пазар, што ќе доведе до намалена вработеност и помал економски раст.
Во врска со ситуацијата во Полска, Јункер ја критикуваше новата, како што ја нарече евроскептична власт.
– Да не ја мешаме Полска и новата полска влада. Не сакам полскиот народ да добие впечаток дека цела ЕУ се крена против Полска, бидејќи тоа е земја кон која имам голема почит кај мене, рече Јункер. Сепак истакна дека како членка на ЕУ, Полска мора да го почитува договорот.
Прописот на ЕУ за надзор на законите кој е покренат во случајот со Полска би можел да доведе до суспензија на гласачките права на Варшава во ЕУ доколку земјата ги игнорира евентуалните сугестии на Брисел во согласност со членот 7 од Спогодбата на ЕУ, но Јункер вели дека се мали изгледите за такво нешто и дека е прерано да се зборува за санкции.




