Грција е крава која се лизга по мраз и која мора да биде извлечена на цврсто тло, вака претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер ја опишува состојбата во преговорите помеѓу кредиторите и Атина за избегнување на банкрот.
Минатата недела, дури 60 делегации од Европа и Латинска Америка одржаа состанок во Брисел, каде што фокусот беше ставен на грчкиот премиер Алексис Ципрас.
– Ќе продолжиме да ја туркаме Грција за да излезе од мразот, изјави Јункер.
Премиерот на Грција, Ципрас, чии последни предлози беа отфрлени од европските претставници, се сретна и со германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Франсоа Оланд, меѓутоа и тие разговори не дадоа решение.
Според претставниците на ЕУ, вината лежи во Атина, бидејќи сметаат дека таа не понудила ништо ново за да и се исплатат 1.6 милијарди евра од ММФ до крајот на месецот.
Од друга страна, грчката влада изјави дека тие нема никогаш да ги прифатат барањата на кредиторите кои се однесуваат на смалување на пензиите.




