Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека не сака да размислува за евентуално излегување на Велика Британија од ЕУ, додавајќи дека Унијата нема план Б во тој случај.
– Немаме план Б, туку само план А. Велика Британија ќе остане во ЕУ и ќе биде конструктивен и активен член. Кога би рекол дека имаме план Б, тоа би значело дека Комисијата сака сериозно да ја разгледа можноста за излез на Велика Британија од ЕУ, изјави Јункер по средбата со британскиот премиер Дејвид Камерон во Брисел.
Камерон истовремено бара поддршка од Европскиот Парламент за своите барања поврзани со реформа на ЕУ пред клучниот самит на европските лидери кон крајот на неделава.
Тој најави референдум за останување или за излез на земјата од ЕУ со надеж дека на самитот на 28.претседатели на држави и Влади на Унијата во четврток и петок ќе се постигне компромис околу британските барања.
Претседателот на Европскиот Парламент Мартин Шулц ги отфрли тврдењата на евроскептиците дека во случај да биде постигнат некаков компромис, ЕП би можел да стави вето.
– Унијата никогаш не била во толку драматична состојба, рече тој и предупреди на последиците од британското напуштање на Унијата која веќе ја потресува мигрантската криза.




