Прекинувањето на преговорите за членство со Турција би била “тешка грешка”, оцени вчера претседателот на Европската комисија (ЕК) Жан-Клод Јункер по изјавата на австрискиот канцелар Кристијан Керн кој повика на прекин на преговори со Анкара.
“Ако во моментов оставиме впечаток дека ЕУ не е подготвена да ја прифати Турција, каква и да е ситуацијата, тоа, според мене, би била тешка грешка на надворешната политика”, изјави Јункер во интервју за германската ТВ АРД. Интервјуто ќе биде емитувано во целост во недела.
“Не гледам што тоа би ни донело ако унилатерално и кажеме на Турција дека преговорите се прекинати”, изјавил Јункер.
Тој сепак додаде дека Турција е далеку од подготвена за членка на ЕУ, особено по чистката која се води во оваа земја по неуспешниот пуч од 15 јули 2016 година.
“Во оваа состојба Турција не може да биде членка на ЕУ, особено ако го направи тоа од што некои го бараат а тоа е воведување на смртната казна. Тоа би довело до итен прекин на преговорите”, предупреди Јункер.
Австрискиот канцелар Керн пред два дена изјави дека преговорите со турските демократски норми се далеку од доволни за да може да се оправдаат прегворите за членство во ЕУ.




