Уставниот суд на Хрватска, ја укина правосилната пресуда со која поранешниот премиер Иво Санадер е осуден на казна затвор од 10 години, за случаите „Hypo“ и „Ina-MOL“, објави загребски „Јутарњи лист“.
Повикувајќи се на неофицијални информации од два извори, весникот наведува дека седницата за уставната тужба била одржана во вторникот.
Не е познато дали одлуката е донесена едногласно и кои ќе бидат нејзините конкретни последици, пишува „Јутарњи“ и додава дека е извесно дека судењето на Санадер во овие предмети ќе биде повторено.
Усвојувањето на уставната тужба практично значи дека правосилната пресуда за Санадер е укината.
Против Санадер во 2011 година подигнато е еобвинение со кое се товареше дека за 10 милиони евра мито со претседателот на Управата на МОЛ, Золт Хернади договорил промена на акционерскиот договор со кој управувачките права од Ина ги предал на МОЛ.
Ова обвинение беше поврзано со претходното за воено профитерство, со кое Санадер беше обвинет дека како заменик министер за надворешни работи за време на војната во 90-тите години од банката ипо зел провизија од 3,6 милиони куни.
Санадер за тие две кривични дела е осуден на единствена казна затвор од 10 години, потврдена од Врховниот суд.




