-Со вакви законски решенија од Судскиот совет создадовме монструм кој го растури целиот систем на поставеност на судството- рече во 2008 година Дане Илиев, тогаш Претседател на Врховниот суд и член на Судскиот совет. Изјавата Илиев ја даде по расправата за тоа каде одат реформите во судството и зошто се избираат кадри, на кои стручноста и компетентноста не им се силна страна.
Во таа прилика, во 2008 година, Дане Илиев како прв човека на Врховниот суд се пожали дека редовно е надгласуван во Судскиот совет и не случајно Советот избира кандидати за судии за кои, два дена по изборот, поведува постапка за нивно разрешување.
Изјавата на Илиев, во овој случај се однесуваше на унапредување на судија од Основниот во Апелациониот суд во Гостивар, а кога медиум откри дека спротивно на закон судел предмет за мајка му, Советот го разреши, но неколку години подоцна Владата го именуваше разрешениот судија за Државен правобранител во Гостивар.
Оваа квалификација, дека Судскиот совет станал „монструм“ на Дане Илиев кој се уште е судија на Врховниот суд, добива на тежина деновиве откако се објавија прислушувани материјали за тоа како се правеле комбинации кој каде да биде избран за претседaтел на суд или за судија или пак кој да биде разрешен, со неопходниот 10-ти глас на Лина Петровска, која како кадар на НСДП влезе во Советот.
Прашањето за избор на Претседател на Врховниот суд беше актуелно во летото 2012 година, кога и медиумите пишуваат за судирот на релација ВМРО ДПМНЕ-ДУИ, за што зборуваат во тој период и извори од самите партии, а таквата ситуација „дека нема постигнато политички договор за Претседател на Врховен“ ја потврди и претседателката на Советот Александра Зафировска.
На 3 јули 2012 година СДСМ, преку тогашната потпретседателка на партијата Ана Павловска Данева , рече дека Судскиот совет наместо да се издигне над политиката и стручно и професионално да избере претседател на Врховниот суд, вели, се претворил во партиско тело за исполнување на судските амбиции на верните пријатели на власта.
– Срамното тактизирање при изборот на претседател на Врховниот суд е класичен пример за начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ избира судии, како потоа ги контролира и како може да влијае врз нивните одлуки – рече Павловска Данева во 2012 година.
Секако, на ова тогашно тврдење на Данева кое се потврди од објавените разговори, реагирале од ВМРО – ДПМНЕ и според нивното тогашно соопштение „прес-конференцијата на Павловска Данева, е празна, целосно безидејна и не содржи ниту еден аргумент“.
– Времињата се променија и сега судството е независно за разлика од времето кога СДСМ управуваше со државата-тврдеа од ВМРО ДПМНЕ во летото 2012 година, додека директорот на тајната полиција Сашо Мијалков и вице премиерот Муса Џафери разговараат за тоа дека Албанец не може да биде претседател на Врховен, да не го блокираат изборот бидејќи медиумите пишуваат за тоа и им прават проблеми.
Покрај сопките на релација ВМРО- ДУИ, според тогашните медимски пишувања имало внатрешен судир и во крилата на ВМРО ДПМНЕ, па Михајло Маневски, Мијалков и дел од крило во партијата се за Лидија Неделкова да стане претседател, додека крилото околу Трајко Вељановски бара уште еден мандат за кумашинот Јово Вангеловски.
Во последен момент кога е јасно дека нема поддршка, Вангеловски ги повлекува документите и се избира Лидија Неделкова.
„За претседател на Врховниот суд мора да избереме кандидат кој ќе има морални и професионални квалитети“, потенцираше тогаш, Бојан Ефтимов, член на Судскиот совет кога почна изборот на претседател.
ДУИ инсистираше во Врховниот суд да се изберат и судии Албанци, но беа многу разочарани што во прв момент не добија поддршка во Врховен да биде избран адвокатот Шпенд Деваја, сопруг на сегашната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи.
Член на Судскиот Совет во анализа за БИРН во јули 2012 година изјавил дека : „политиката длабоко навлезе во изборот на судиите и додека двете владејачки партии не се договорат кој треба да биде избран, ние не можеме да избереме судии и претседател во Врховниот суд“.
Зарем не е изненадување што не е избран ниту еден од над 100-те пријавени кандидати за судии во Врховен? Станува збор за поголеми политички интереси“ –изјавил тогаш член на највисокото тело во судството, откако пропдна изборот и за судии во Врховен.
Критичките медиуми во овој период во детали пишуваат за судирот во Судскиот совет, што се потврдува целосно од објавените разговори, а на едно местто, во разговорот со Муса Џафери, самиот Мијалков споменува дека медиумите ќе пишуваат а тоа ќе им носи само штета.
Во тој, период, се споменуваше името на Народниот правобранител Иџет Мемети за претседател на Судот.
Во тоа време, во разговор со него, Мемети ни го изјави следново: „Мене мандатот како Народен Правобранител ми завршува во септември (2012 година). Ми беше понудено да станам судија и заменик претседател на Врховниот суд. Ќе размислам, прво нека го распишат огласот“, ни рече тогаш Иџет Мемети, но подоцна, во декември беше реизбран за Правобранител.
Делот во кој Мијалков му вели на Муса Џафери дека „ако некој има амбиции да биде претседател на Врховен“ може да се сфати дека се однесува на Иџет Мемети, кој беше личен избор на Али Ахмети и на неговите претходни позиции, судија на Уставен суд и министер за правда, па од таму бил и во игра и за прв човек на Врховен.
Опозицијата тогаш оцени дека со тоа што не се избраа судии во повисоките судови, власта во Македонија уште еднаш покажа дека има целосна контрола над судиите.
„Поделбите и несогласувањето во ВМРО ДПМНЕ и ДУИ резултираа со поништување на огласите за судиите. Се гледа дека судството е заложник на политиката. Судскиот совет треба да каже зошто не избра ниту еден судија“,-праша во таа прилика на прес конференција Ана Павловска Данева.
Во овие 9 години, Судскиот совет избра над 330 судии во сите судови во земјава, со што го промени речиси половина од вкупниот број судии. Само четириесетина од нив имаат завршено обука во Академијата за судии и јавни обвинители, додека другите се избираа од адвокати и државни органи. Често, тоа беа блиски роднини на функционери од власта. На тој начин беа пополнети двата Управни судови и Апелациониот во Гостивар како новоотворени, но и на сите други места каде што се избираа нови судии.
Поради нестручно работење беа разрешени околу 80 судии, најмалку тројца беа лустрирани, а десетина опфатени со кривични постапки од кои половината беа осудени.
Професорот Саво Климовски, коментирајќи ја ситуацијата во Судскиот совет за изборот по принцип на „татковци и деца“ вака ја опишал ситуацијата: „Сега се случи она од што се плашевме и навреме предупредувавме. Наместо изборот на судии и обвинители да го ослободиме од политичките влијанија, го дадовме во раце на тело со огромна концентрација на моќ, каде што одлучуваат поединци“-искоментирал Климовски.
Сега судството е во слична ситуација како во 2012 кога не беа усогласени политичките партии и сетоа тоа преку Судскиот совет го рефлектираа во судството.
Бидејќи не се усогласени, без претседател од една до 2 години се над 20 судови.
Во скопска двојка, каде што Албанец беше претседател, сега конкурираат четворица Албанци и еден Македонец. Но, поради несогласувањето таму има в.д. претседтел.
Интересна им е позицијата и за скопска апелација. Таму, ДУИ го бара местото за нивниот кандидат Сафет Кадрии, кој сега е заменик, но ВМРО ДПМНЕ се колеба помеѓу в.д. претседателката Љиљана Ивановска Шопова и Јованка Никодиновска.
Претседатели немаат и судовите во Велес, Гевгелија, Неготино, Кавадарци, струмица, штип, Битола, Кичево… Сите огласи и интервјуа се завршени но избор нема.
Од Судскиот совет одбиваат да разговараат на ова тема и не даваат информација зошто не избираат претседатели на судовите, но зошто нема избор и на претседател на самиот Совет.
Но, член на Советот, за НОВА открива дека сегашната претседателка Александра Зафировска, иако не смее според закон да конкурира за трет мандат, им било наложено да и изгласаат нов мандат, а да се оправдаат дека тоа е според измените на законот, поради двајца нови членови.
-На претседателката на Судски совет мандатот и заврши на 20-ти декември. Таа се обиде да закаже седница, но и рековме, ако закаже, по закон треба прво да избереме нејзин наследник. Таа се откажа од седницата, но не ја напушта фотељата. Поради ова, трет месец немаме седници, иако има судии кои исполнија услови за пензија и треба да се разрешат – открива за НОВА извор од Судскиот совет.
Во текот на денов побаравме неколку претходни претседатели на Советот и членови, но никој не сакаше да ја коментира ситуацијата, правдајќи се дека се надвор од телото и не знаат што се случува во моментов.
Виолета Дума, екс судијката на скопска апелација која беше разрешена од овој Судски совет вели дека со неработењето на Судскиот совет се прикриваат и претставките на граѓаните за работата на судството.
-Судскиот совет мора да ги реши нив и да ги избере претседателите. Не може да ги оставите судовите без претседатели, само поради некакви калкулации кој да дојде на позицијата и од која националност. Тоа зборува дека се пеглаат работите во сите ресори па и во судството. А, во судовите е многу лесно, се гледа квалитетот на пријавените кандидати и се прави ранг листа- вели Дума.
Во Судскиот совет, покрај другите членови, избира и разрешува судии и Мирјанка Гоцевска Стефановска, судијка од Штип, братучетка на Сашо Мијалков, директор на тајната полиција.
Во иднина, во Судскиот совет нема да седат министерот за правда и претседателот на Врховниот суд, туку 10 членови ќе ги избираат самите судии, а петмина ќе бидат на предлог на Парламентот и Претседателот.
Законот предвидува членовите да се истакнати правници, но предлозите на Претседателот и Парламентот до сега не исполнуваа ни минимум услови за да бидат именувани во телото.
Судиите кои беа разрешени ја тужат државава во Стразбур, а нивните предмети се во завршна фаза и наскоро се очекува пресуда. Судот во Стразбур, според досегашната комуникација со Владата која ја поседуваме, бараше одговори како е можно министерот за правда Михајло Маневски да иницира постапка за разрешување на судија и да учествува и да гласа за негово разрешување.
Токму по овој основ, судиите очекуваат прифаќање на нивните апликации дека се разрешени во нетранспарентна постапка каде што не им било дозволено да имаат еднаков пристап во постапка водена пред непристрасен суд.




