Британскиот премиер Дејвид Камерон повика на широка борба против исламскиот екстремизам по терористичките напади во Тунис каде беа убиени најмалку 38 луѓе, меѓу кои и голем број на Британци.
– Покрај шокот и тагата, мораме да додадиме уште еден збор – непоколеблива одлучност. Мораме да бидеме силни во залагањата за мир, демократија, толеранција, слобода. Мораме да бидеме нетолерантни на нетолерантноста, вели Камерон за „Дејли Телеграф“, меѓу другото.
Според него, потребно е да се зајакнат и политичките институции во странство.
– Со нив мораме да се носиме и на нивно тло, во местата како што се Сирија, Ирак, Либија од каде што Исламската Држава и ги подготвува своите операции, смета Камерон.
Како што јавуваат светските агенции, министрите за внатрешни работи на Велика Британија, Франција и Германија, денеска ќе го посетат хотелот „Империал Мархаба“ каде што се случија убиствата.
Иако официјално број на загинати Британци е 15, по неколку се уште се трага, така што бројот може да биде и поголем. Тројца Ирци, еден Белгиец, еден Португалец и еден Германец исто така беа убиени при терористичкиот напад.




