Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон смета дека втор референдум за излегување од ЕУ би можел да биде решение за надминување на конфликтот околу Брегзит.

Брегзит без договор не е добар и треба да се избегне, изјави Камерон во своето прво интервју по повлекувањето пред речиси три години.

Тој го обвини актуелниот премиер Борис Џонсон дека ужасно се однесувал во текот на кампањата за референдумот и рече дека резултатот од тој референдум лично многу го депримирал.

Зборувајќи за актуелната ситуација во Велика Британија  оцени дека излегувањето на земјата од ЕУ се претвори во „ужасна ториевска психодрама” за која не гледа излез.

„Не велам дека тоа ќе се случи, туку само дека не треба да се исклучат ваквите работи, бидејќи морате да пронајдете начин за деблокирање на оваа блокада“ рече Камерон.

Во негово време, во јуни 2016 година, се одржа референдумот на кој 52% од Британците се изјаснија за излегување од ЕУ, а 48% беа за останување во Унијата.

Камерон даде согласност за одржување референдум под притисок на евроскептичното крило во својата конзервативна партија, меѓутоа во кампањата се залагаше за останување на неговата земја во ЕУ. По референдумот, кој заврши со тесен резултат, Камерон даде оставка на премиерската фунција.

Камерон наредната недела ќе ги објави своите мемоари, во кои ја брани одлуката за одржување референдум „Прашањето мораше да се разјасни и сметав дека референдум ќе има секако.“ Во својата книга Камерон тврди дека и три години по оставката не поминува ден да не размислува за загубениот референдум „Многу сум загрижен околу тоа што ќе се случува понатаму“, пишува Камерон.