За првпат во историјата Канада доби влада со подеднаква застапеност на жени и мажи. Новиот кандаски премиер Џастин Трудо вчера го претстави својот министерски кабинет, составен од млади луѓе, припадници на различни етнички заедници, во кој, за првпат во историјата на оваа земја, има подеднаков број мажи и жени.
Петнаестмината мажи и исто толку жени се под 50- годишна возраст, меѓу кои се поранешната новинарка Кристиа Фриленд, сега министерка за надворешна трговија и Мерием Монсеф, која пред 20 години дошла во Канада како бегалка од Авганистан, двајца министри се со абориџинско потекло, а тројца се Сики.
На прашањето, да ја објасни оваа политика на подеднаква полова застапеност, 43- годишниот Трудо, инаку 23-от по ред канадски премиер и воедно вториот најмлад на оваа функција во историјата на земјата, кусо одговори: „Бидејќи е 2015- та година“.
Либералот Џастин Трудо е син на Пјер Елио Трудо, еден од најпризнатите поранешни премиери на Канада, кој воедно и најдолго бил на оваа функција. На изборите минатиот месец, неговата партија убедливо ги победи Конзервативците на неговиот претходник Стивен Харпер.




