Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџоски денеска пред медиумите рече дека не сака да коментира дали ќе понесе лична одговорност ако бидат нотирани злоупотреби на АКМИС системот во Кривичниот суд.
„Немам коментар. Тоа што сум мислел да го соопштам, сум го соопштил и сега ќе го чекам Извештајот. Не е мое да соопштувам дали сметам или не дека ќе бидам дел од тој Извештај. Тој што смета дека некој сторил некакво дејствие спротивно на закон, слободно треба да си постапи и да поднесе прекршочни или кривични пријави. Тоа никој не може да го забрани“, рече Караџоски.
АКМИС е електронски систем преку кој случаите требаше да бидат распределувани – софтверот требаше самиот да ги бира судиите кај кои се назначуваат предметите.
Овој систем требаше да спречи злоупотреби и манипулации, односно главниот предизвик беше да се спречи влијание на судиите преку местење одредени судски процеси.
Според информациите од Комисијата за НОВА ТВ составена од Министерството за правда, последните десетина години, предметите воопшто не биле ставани во овој систем. Осумстотини и шеесет судски предмети воопшто не влегле во АКМИС и не биле електронски прераспределени кај судии, потврдуваат од Министерството за правда. Нашите извори велат дека системот не само што функционирал исправно, туку и софтверот имал сериозни пропусти, а дополнително службениците иако имале обврска да го користат системот, сами одлучувале на кој судија да му ги доделат предметите.