По изјавата на директорот Зоран Караџов за НОВА дека „секој има право да умре“ и дека „нема зошто да објаснува на медиуми за случајот со починатата Аница С. и тоа ќе го стори само на барање на Министерството за здравство“, денеска од Клиниката за дигестивна хирургија ја смируваат топката.
За оваа изјава директорот Караџов вели дека е погрешно протолкуван избор на зборови во моменти кога се справуваат со најтешко болните пациенти. Соопштението го пренесуваме во целост.
„Во мое лично име и во име на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија изразувам длабоко жалење за случајот со оперираната пациентка која почина на КАРИЛ.
Одговорно тврдам дека нашиот тим презема се што беше неопходно и го вложивме целиот наш потенцијал со цел пружање соодветен третман за оваа пациентка.
Ние како хирурзи секојдневно се бориме за животот на пациентите, во случаи кога и секундите значат живот и во таа смисла изјавата која вчера ја пренесоа дел од медиумите беше погрешно протолкуван избор на зборови, токму во моменти кога со тимот се справувавме со најтешко болните пациенти на клиниката, кои се нашиот главен приоритет.
Уште еднаш изразуваме жалење за случајот со пациентката. Како Клиника стоиме на располагање и отворени сме за соработка со сите надлежни институции, а медиумите остануваат наш партнер во навремено и објективно информирање на јавноста“, се вели во соопштението од Клиниката за дигестивна хирургија.
Инаку, НОВА вчера според сите професионални стандарди и правила на новинарско однесување се јави кај директорот Караџов за случајот со починатата Аница С. која била оперирана на Клиниката, со цел јавноста да биде објективно информирана. Наместо тоа, арогантно ни беше кажано дека нема зошто на медиумите да им се објаснува ништо и ја добивме следната изјава:
„ Примена е сабајле кај нас во четвртокот и е оперирана попладнето. Не е шетана од клиника на клиника. Се што треба ќе објаснам на Министерството за здравство, ќе им ја дадеме и потребната медицинска документација. Нема ништо чудно во случајот, секој има право да умре“, рече Караџов, вчера за НОВА.
Ваквиот одговор од вчера, не соодвествува со транспарентноста која беше најавувана од оваа Влада и не им помага на новинарите да стигнат до вистината.




