На 21 Саудиец ќе им бидат одземени или укинати американски визи поради убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, соопшти портпаролката на Стејт департмент Хедер Нојерт.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска им ги одзеде визите на некои саудиски функционери кои се вмешани во убиството на Кашоги, а тоа е прва казнена мерка против догогодишниот блискоистиочен партнер на Вашингтон.
Мерката е воведена кусо време откако Трамп ја осуди Саудиска Арабија за „едно од најлошите прикривања некогаш направени“.
По изјавата на Трамп, државниот секретар Мајк Помпепо рече дека администрацијата ќе им одземе визи на саудиски владини и разузнавачки агенти кои се одомничени за вмешаност во смртта на Кашоги.
Податоците во врска со визите се доверливи и Помпео не прецизира кому ќе му бидат одземени визи.
– Оваа казнена мерка нема да биде последен збор во овој случај. Администрацијата ќе продолжи да ги повикува виновниците на одговорност. Јасно ставаме до знаење дека САД не толерираат ваков вид безобѕирна акција со цел замолчување со насилство на новинарот Кашоги, изјави Помпео во Стејт департментот.
Членови на Конгресот претходно побараа воведување санкции против Ријад поради убиството на Кашоги.
Американскиот претседател Доналд Трамппретходно оцени дека саудиската операција во која бил убиен новинарот Џамал Кашоги е „едно од најлошите прикривања некогаш направени“.
Во изјава за новинарите во Овалната соба, Трамп изрази очекување дека во блиска иднина ќе има комплетен извештај за убиството на Кашоги.
– Тие имале многу лош основен концепт, и тој бил спроведен многу слабо, а обидите за прикривање на убиството се најлошото прикривање кое некогаш било направено, изјави Трамп и додаде дека обидите на Саудијците да го прикријат убиството биле „целосен неуспех“.
Саудиска Арабија прво соопшти дека соработникот на весникот „Вашингтон пост“ Џамал Кашоги, кој пишувал текстови со критики за принцот престолонаследник Мохамед бин Салман, починал при тепачка во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври. Според турските власти, пак, екипа од 15 лица го мачела, убила и го исекла на парчиња неговото тело. Убиството било подготвувано неколку дена пред да биде извршено.




