Во говор во Националното Собрание во Хавана, кубанскиот претседател Раул Кастро рече дека за воспоставувањето на целосна нормализација на односите со САД, треба да се укине трговското ембарго што САД го воведоа кон Куба уште од почетокот на 60-те години.
Тој апелира на Куба да и биде вратена американската поморска база Гвантанамо, сместена на југот од кубанскиот остров.
Дека дипломатските односи меѓу Куба и САД се нормализираат, покажува отворањето на амбасади во Вашингтон, односно Хавана, предвидено за в понеделник, што доаѓа по прекинот на врските во 1959 година.
За укинувањето на трговското ембарго е потребна согласност на американскиот Конгрес, што во овој момент, на 16 месеци пред претседателските избори во САД, е тешко да се добие, особено што голем број конгресмени и сенатори се противат на обновените врски со Хавана.
Официјален Вашингтон неколкупати досега соопшти дека базата во заливот Гвантанамо, не е на дневниот ред за разговорите со Куба.



