Бројот на убиените при нападот во универзитет во градот Гариса во Кенија достигна до 15 лица, а најмалку 60 биле ранети. Исламистичка групација Ал Шабаб ја презеде одговорноста за нападот, јавуваат светските медиумски агенции.
Ал Шабаб ги ослободила студентите Муслимани, кои се наоѓале во комплексот.
– Исламистичката групација ги задржала нивните колеги Христијани, при што убила дел од нив, а други држи како заложници, изјави портпаролот на Ал Шабаб за воени операции, Абдиазиз Абу Мусаб.
Според проценките, околу 50 студенти успеале да го напуштат кампусот, но околу 400 нивни колеги останале заробени.
Сведоци за локалните медиуми кажале дека во универзитетот се слушнале експлозии и истрели и дека има возила на брзата помош на местото на настанот.
Ал Шабаб повеќе пати изведуваше напади во Кенија, вклучувајќи го и терористичкиот напад врз трговскиот центар во Најроби во 2013 година.




